Јован од Блогираме.мк:

Јован од Блогираме.мк: "Твитерџиите се корективот на ова општество"

Пред две недели по четврти пат се одржаа "Твитер и Блогираме награди". Најдобрите беа наградени во 26 различни категории, победниците можете да ги погледнете на ОВОЈ ЛИНК. За тоа како помина настанот разговаравме со еден од главните виновници (Јован) како и со дел од наградените.



Со какви впечатоци твитер заедницата ја заокружи 2015?

Јован: Па Твитер како и секоја друга социјална мрежа не е ништо повеќе нити пак помалку од одраз на секојдневието. А тоа за жал е тежок турбофолк.

Сепак доколку ја гледаме годината низ призма на она кој доби награда тогаш Твитер беше место кое и тоа како повторно беше коректив на ова општество и се обиде да ги посочи, насмее, повика и да #протестира против сите аномалии кои излегуваат, пак ќе кажам за жал, ко на филмска лента од нашево општество.

Она што мене ми прави многу ќеф лично е дека како платформа била и останува едно од најдобрите места да се најдат луѓе кои би поддржале одредена идеја, акција или иницијатива преку која се пропагираат и прифаќаат реални и вистински вредности. Тука е океј да трчаш и да возиш точак, тука е океј да готвиш и ако си машко и да готвиш за оние кои немаат, тука е океј да даваш крв, тука е дефинитивно океј да издвоиш дел од буџетот да помогнеш на некоја фамилија, да направиш елка од пластични шишиња, да направиш календар и да ги донираш средствата некаде каде се потребни.

И тука е дефинитивно океј да пишуваш кирилица!!! Такашто ако може еве еден апел до другите „заедници“ или како и да се нарекуваат DAJ BE PISHUVAJTE KIRILICA!!!111 KIS4E сепак сме веќе 2016та!!!

Како помина доделувањето на Твитер и блогираме награди?

Јован: Грандиозно :)
Оваа година настанот беше во Кино Фросина и направивме да добие еден поинаков шмек. На бина продефилираа некои од најсмешните, најкреативните, па и најубавите луѓе во Македонија и ако нешто не радува тоа секако е дека има нови млади луѓе, кои добро се снаоѓаат во целата оваа каша која сите ние некако сакале неќеле ја создаваме.



Ова е четврта година по ред како се одржува манифестацијата. Со какви намери бевте кога за прв пат се решивте да го реализирате натпреварот?

Јован: Да си го популаризираме сервисот :)
Што повеќе луѓе да блогираат, создаваат содржина, видео, аудио, фотографии и да ја прикажеме целата таа разноликост. Она што е различно дека тука нема режија, нема жири, нема цензура. Самите корисници номинираат, самите гласаат и оние со најмногу гласови на крај ги наградуваме. Ова се принципи кои високо стојат во нашата морална хиерархија на Блогираме.мк и така планираме и да остане.

По што беше специфична оваа година, и по кои случувања најмногу ќе ја замапетите?

 
Јован: По многу глупости. Нека си оди и нека не се враќа :)



Твитот на @Mоjoklington е прогласен за најдобар твит на годината 



Оваа година ја имавте среќата да се закитите со најголем број на награди? Од какво значење се тие за вас?

Мр Моџо Килингтон: Наградите од спонзорите се од големо значење за мојот џигер и за проширување на хоризонтите затоа што досега не конзумирав ништо освен пиво. Сега ќе морам да конзумирам и Пелинковац и вино од винаријата Анастасови. Нематеријалното значење е поголемо затоа што има луѓе кои оддвоиле време од својот живот да седнат, да ме најдат на списоче и да ме гласаат. И фала им.

Сензибилитетот на постирање статуси на Твитер е поинаков од оној на ФБ, а и друштвото се чини дека е поразлично. Кој од овие два вие лично го преферирате? Твитер. Тоа е последното парче на слобода на македонскиот дел од интернетот. Не за долго.

Колкав број на следбеници имате на Твитер? Колку сметате дека она што ќе го напишете има влијание врз јавноста?

Мр Моџо Килингтон: 11.000 и нешто. Немам никакво влијание врз јавноста како целина. Можеби има некакво индивидуално влијание врз некои од оние кои ме следат, можеби можам да им подобрам некоја минута со добар твит. И тоа е доволно.

Македонски Телеком како поддржувач на „Твитер и блогираме награди“ се одлучи да додели специјална награда за хуманата акција Ревитни оборк. Кажете ни нешто повеќе за акцијата….

Ретвитни оброк: Акцијата се роди првично како идеја на Твитер, преку твит на две девојки кои предложија сета храна што ја сликаме по социјалните мрежи, да му биде некому од корист. Почнавме со мала група аматери готвачи и стигнавме до овде. Веќе 9 месеци трае во континуитет, се вклучуваат доста луѓе и фирми, помагаат со намирници, логистички, со готвење, промоција на истата...

Поентата на акцијата е да се даде достоинствен (топол) оброк за бездомниците и социјално загрозените сограѓани на подрачје на град Скопје. Голема помош во спроведување на идејата се Вистински дела на Љубезност, кои секоја сабота се на платото на АРМ и тие ни се од голема помош за реализацијата. Се делат оброци, а секоја дополнителна помош (обувки, облека), е добредојдена.

Колкава количина на топли обоци успеавте да подготвите? Дали постои можност ова иницијатива да прерасне во нешто поголемо?

Ретвитни оброк: Нашата спонтана иницијатива до сега успеа да обезбеди околу 4000 оброци во текот на овие 38недели. Бројката е голема, но незначајна ако се земе во предвид дека обезбедуваме само еден од 21 оброк кој треба да ги внесува седмично секој од нас. Амбициите ни се во таа насока, да успееме да обезбедиме оброк за секој гладен во секое време, со тоа што би ја подигнале свеста на секој кој има за себе, да подели со друг. Се трудиме нашата порака да е гласна и да мотивира.

Дали можеби планирате некоја слична иницијатива во блиска иднина?

Ретвитни оброк: Со #ретвитниоброк како идеја и реализирана граѓанска активност, мислам дека ја постигнавме заедничката цел - да зготвиме храна за луѓе што немаат каде и немаат воопшто. Многумина ја следат групата на фејсбук, имаме предлози и од други градови за да се почне со слична/иста иницијатива. Крушево, Велес, Битола се само неколку од градовите кои веќе имаат предлози и се надеваме на нивна реализација. Иднината е пред нас, ентузијазмот исто, а идеите се безбројни. Само треба луѓе, свест и добрина. Се’ потоа е можно.