Луѓето стануваат сѐ постудени - буквално

Луѓето стануваат сѐ постудени - буквално

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

На сите ни е позната информацијата дека просечната телесна температура е 37 Целзиусови степени и дека над тоа почнува онаа зголемената, која обично сигнализира некое заболување, но изгледа дека сите сме во заблуда. Имено, нашите тела од 60-тите години на 19 век стануваат сѐ постудени.

Експертите кои веќе со децении ја проучувале просечната телесна температура знаеле дека онаа од 37 степени е превисока, истакнува Џули Парсонет од „Стенфорд“.

- Но, претходно се сметаше дека станува збор за грешка во мерењето, а не за тоа дека нашата телесна температура всушност со текот на времето опаднала - додава таа.

За да откријат што навистина се случува, Парсонет и нејзините колеги анализирале три сета податоци. Првиот опфаќал 23.710 ветерани на војската од американската граѓанска војна, чии температури биле мерени во периодот меѓу 1860 и 1940 година.

- Ми требаше многу време за да најдам база на податоци од 19 век во која се запишани мерењата на тогашните температури на телата - вели лекарката.

Останатите два сета податоци ги опфаќале периодите од 1971 до 1975 и од 2007 до 2017 година. Така, научниците анализирале вкупно 677.423 мерења на телесна температура.

Резултатите покажале дека во просек американската телесна температура се намалувала за 0,03 степени по деценија. Мажите родени во раниот 19 век имале телесна температура за 0,59 степени повисока од онаа на денешните мажи.

Достапните податоци за жените не одат толку далеку во раниот 19 век, но уочено е дека нивната телесна температура опаднала за 0,32 степени од 90-тите години на 19 век. Тоа значи дека просечната телесна температура денес е околу 36,6 Целзиусови степени, а не 37.

Кое е објаснувањето?

- Најверојатното објаснување, според мене, е дека во микробиолошка смисла сме поинакви од порано - смета Парсонет.

Имено, денешните луѓе имаат помалку инфекции благодарение на вакцините и антибиотиците, па нашиот имунолошки систем е помалку активен, а нашите телесни ткива се помалку воспалени.

Доколку тоа е вистина, телесната температура би требало да падне и во другите земји каде што здравјето на луѓето се подобрило.

- Нема назнака дека наскоро ќе се запре овој тренд на снижување на телесната температура. Но, секако, постои граница. Нема температурата да ни се спушти на нула - вели Парсонет.