Вештачка интелигенција може да детектира низок шеќер во крвта од ЕКГ-запис

Вештачка интелигенција може да детектира низок шеќер во крвта од ЕКГ-запис

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачи од Универзитетот на Ворвик, Велика Британија, направиле вештачка интелигенција за која велат дека може да детектира хипогликемија - опаѓање на шеќерот во крвта, што може да биде закана за оние со или без дијабетес. Тоа се прави со разгледување податоци од преносен електрокардиограф.

Пациентите мора да земаат мали примероци на крв од прст, некогаш и неколку пати на ден, за да видат колку им изнесува нивото на шеќер во крвта.

- Земањето крв од прст никогаш не е пријатно и во некои околности е прилично незгодно. Земањето крв од прст во текот на ноќта е особено непријатно за децата - истакна водечкиот истражувач Ленадро Печиа.

Труд од нивните резултати беше објавен во списанието „Сајентифик рипортс“.

Резултатите се импресивни. Две пилот-студии со здрави волонтери покажале дека вештачката интелигенција е 82 отсто веродостојна во детектирањето на хипогликемијата. Тоа можеби не звучи како голем процент, но е приближно ист како на апаратите кои моментално се користат во болниците за континуирано мерење на глукозата, за што е потребно боцкање на пациентот, додаваат истражувачите.

Тие сега бараат партнери за да испитаат дали нивните резултати може да се генерализираат за поголема популација.