Како уметнички подарок од Москва со години тајно ја прислушувал американската дипломатија?
На американските безбедносни служби им требале цели седум години за да откријат уред за прислушување скриен во уметничко дело во 1945 година. Но тоа не е единствениот случај во кој уметнички предмети биле употребени за шпионажа.
Пред 80 години, во последните недели од Втората светска војна, група советски извидници му подариле на американскиот амбасадор во Москва рачно резбан „Голем печат на Соединетите Американски Држави“, во неговата официјална резиденција, вилата позната како „Спасо хаус“.
Подарокот ги симболизирал сојузот и соработката меѓу САД и Советскиот Сојуз во војната, а американскиот амбасадор Вилијам Аверел Хариман гордо го закачил во својата резиденција, каде што стоел сè до 1952 година.
Меѓутоа, ниту амбасадорот ниту неговото обезбедување не знаеле дека во печатот бил вграден таен уред за прислушување, кој американските техничари подоцна го нарекле „Ствар“ (Нештото). Уредот прислушувал дипломатски разговори цели седум години.
Советите искористиле навидум безопасен уметнички предмет за да се инфилтрираат меѓу противниците и да стекнат стратешка предност, изведувајќи ја највештата измама уште од Тројанскиот коњ на Одисеј.
Иако звучи како сценарио од шпионски роман, ова е вистинска приказна.
Американските техничари подоцна сфатиле дека рачно резбаниот „Голем печат“ всушност бил „невидливо уво“ кое прислушувало доверливи разговори зад затворени врати.
Како функционирал уредот „Ствар“?
79-годишниот експерт за контрашпионажа Џон Литл со години бил фасциниран од овој уред, па дури изработил и сопствена реплика. Оваа година бил прикажан и документарен филм за неговата работа, а првата јавна проекција во мај била распродадена.
Технологијата што се користела во уредот Литл ја опишува со музички јазик. Според него, уредот бил составен од цевки слични на оние кај оргулите и мембрана како кожа на тапан, која вибрира на човечки глас. Сето тоа било сместено во исклучително мал предмет, како игла за шешир, кој не бил откриен при проверките затоа што немал никаква електроника, ниту батерија, и не се загревал.
Изработката на ваков уред барала исклучителна прецизност.
Историчарот H. Кит Мелтон вели дека во тоа време „Ствар“ ја издигнал науката за аудиоприслушување на ниво што се сметало за недостижно.
Во резиденцијата на американскиот амбасадор „Ствар“ се активирал само кога ќе се вклучел далечински предавател, поставен во блиска зграда. Тој испраќал високофреквентен сигнал кој се враќал во форма на вибрации, што ги фаќала антената вградена во печатот.
Уредот бил откриен дури во 1951 година, кога британски воен радиооператор, кој служел во Москва, случајно се вклучил на точната бранова должина и ги слушнал разговорите од друга просторија. Следната година американските техничари детално ја пребарале резиденцијата и дури по тридневна проверка откриле дека рачно резбаниот „Голем печат“ бил уред за прислушување.
Уметноста во служба на шпионажата
- Долго време нашата земја успеваше да добие конкретни и исклучително важни информации што ни донесоа одредени предности за време на Студената војна - изјавил Вадим Гончаров, еден од советските техничари што ракувале со уредот.
До денес никој освен советските разузнавачи не знае колку слични уреди Советскиот Сојуз користел за шпионажа на Западот. Ефикасноста на „Ствар“ не се должела само на техничката оригиналност, туку и на начинот на кој ги искористила културните претпоставки поврзани со уметничките предмети.
Уметничките дела и декоративните објекти често се доживуваат како пасивни симболи на престиж или култура. Советската разузнавачка служба токму таа претпоставка ја претворила во оружје, преку „Големиот печат“ изработен од јаворово дрво.
Во случајот со „Ствар“ значајна улога одиграла и музиката.
Генијалниот пронаоѓач на уредот, Лев Сергејевич Термен, на Запад познат како Леон Теремин, бил руски пронаоѓач и извонредно надарен музичар. Тој го создал првиот електронски музички инструмент во светот, тереминот, кој се свири без физички допир, со движења на рацете околу антените што ги одредуваат висината и јачината на тонот.
По откривањето на „Ствар“, американските разузнавачки служби го држеле случајот во строга тајност. Но, во мај 1960 година, на врвот на нуклеарната трка, американскиот шпионски авион У-2 бил соборен над Советскиот Сојуз. Настанот предизвикал дипломатска криза, по што претставници на Стејт департментот јавно го изнеле случајот со „Големиот печат“ на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за да покажат дека шпионажата во Студената војна не била еднонасочна.
Безбедносниот пропуст бил толку сериозен што, според Џон Литл, било потребно соборување на шпионски авион за случајот „Ствар“ да стане јавен. И покрај тоа, техничката генијалност на уредот никогаш не била целосно објаснета пред јавноста. Техничките детали останале државна тајна сè до 1987 година, кога поранешниот безбедносен офицер Питер Рајт ги објавил во своите мемоари наречени „Спајкечр“.
„Ствар“ и денес им го привлекува вниманието на историчарите поради неверојатната техничка софистицираност и влијанието врз шпионските тактики на Студената војна. Истовремено, приказната ја открива и помалку познатата, помрачна страна на високата култура, свет во кој класични музичари создаваат уреди за прислушување, а рачно резбани уметнички дела стануваат инструменти за прибирање разузнавачки информации.
Извор:
BBC
Фото:
Wikipedia