Темата за климатските промени е постојано актуелна во цел свет, а ако малку се подзаборави, екстремните временски непогоди веднаш потсетуваат. Иако кај нас сега е зима, гледаме што се случува во Австралија, Аргентина и други држави: големи горештини и шумски пожари на илјадници хектари. Во координација со Обединетите нации (ОН) и во национални рамки сите земји во светот преземаат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Редукцијата на емисиите на стакленички гасови на доброволна основа се одвива многу тешко, т.е. неуспешно. Од таа причина, последниве години почна да се воведува нов тип на данок на емисиите на стакленички гасови кај кои доминанта улога има јаглеродниот диоксид (СО2). Затоа, оваа давачка се нарекува јаглероден данок (carbon tax), а кај нас го нарекуваат и јаглероден надоместок. Тоа е алатка која преку пазарни услови треба да ги намали емисиите на стакленички гасови. Јаглеродниот данок, всушност, е надоместок што се плаќа за секој тон емисии на гасот СО2.
Во тој поглед можеби најнапредна е Европската Унија (ЕУ) која, меѓу другото, има воведено специјален систем за тргување со емисии (ETS) според кој компаниите од одредени сектори мораат да купуваат квоти (дозволи) за емисии на СО2. Всушност, тие плаќаат т.н. јаглероден данок. За да има фер трговија со земјите надвор од нејзините граници, ЕУ воведе т.н. Механизам за јаглеродно гранично приспособување (на англиски: Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM). Во принцип, за производите што се увезуваат во ЕУ мора претходно да биде платен јаглероден данок во земјата извозник. Оваа мерка беше најавена пред неколку години и почна да важи од 1 јануари 2026 година, вклучувајќи ја и нашата земја. Пред неколку дена беше објавена информација дека Србија почнала да го применува овој механизам од почетокот на оваа година и тоа со релативно мала вредност на данокот: 4 евра/(тон СО2).
Но Република Македонија (РМ) нема донесено одлука за спроведување на овој механизам бидејќи сѐ уште не е подготвена, недостигаат некои законски акти од кои најважен е Законот за климатска акција. Во 2021 година е донесена Стратегија, а во 2022 година е подготвен нацрт-закон за климатска акција и тогашната влада вети дека ќе го донесе законот во истата година, но тоа до денес не е направено.
Во Законот за климатска акција е наведено дека јаглероден данок (надоместок) ќе плаќаат фирмите што вршат дејност во следниве области: производство на електрична енергија вклучувајќи комбинирани постројки за производство на електрична енергија и топлина, производство на цемент, железо и челик, алуминиум и вештачки ѓубрива. Собраните средства од данокот ќе биде приход на буџетот на Министерството за животна средина и во законот е наведено за кои намени ќе се користат тие средства. Во последниот член пишува дека овој закон ќе започне да се применува од 1 јануари 2024 година. Но веднаш потоа треба да се донесат и неколку подзаконски акти без кои не може да функционира она што е предвидено со законот за климатска акција, а во врска со емисиите на стакленички гасови и плаќањето на јаглероден данок.
Бидејќи кај нас ова прашање сѐ уште не е правно регулирано, веројатно нашите фирми што извезуваат одредени производи во ЕУ ќе треба да плаќаат јаглероден данок во земјата која купува наши производи?! Значи парите од јаглеродниот данок наместо да останат во РМ, ќе одат во странски земји?! Во прашање е конкурентноста на нашите фирми, а можеби и нивниот опстанок.
Ова е една од последиците од неефикасноста на нашата државна администрација оптоварена со клиентелизам, непотизам, а видовме на телевизија по канцелариите си играат фудбал на мали голчиња, кошарка, а некои примале плата, но не оделе на работа. Бидејќи сите политички партии се едногласни за влез на нашата земја во ЕУ, тогаш нека го покажат тоа на дело со работа, а не само со зборови. Да напоменам дека во последниот извештај на ЕУ за Република Македонија има неколку забелешки (критики) дека не ги исполнуваме добро активностите околу борбата со климатските промени.
Но има една работа што целосно ме збунува, а тоа е односот на ЕУ кон САД, кои се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, а претседателот Доналд Трамп изјави дека прашањето за климатски промени е голема измама. САД не го прифаќаат CBAM механизмот при извоз на производи во ЕУ. Не само тоа, САД се земја со најголеми емисии во светот: 14,2 тони СО2 по жител, а во РМ емисиите се 3,6 тони СО2 по жител. Но Европа си го гледа својот интерес, а тоа е ниска царинска стапка (15%) за извоз во САД. На ова треба да се додаде и фактот што економскиот развој во РМ е многу понизок од оној во САД, а сега мора да плаќаме и плус јаглероден данок за извоз во ЕУ. Ова е повеќе од двојни стандарди на ЕУ кон РМ и други земји. Нема логика. Но сме се фатиле на орото за влез во ЕУ, па ќе го играме и во тешки услови. Нешто ме потсетува на „Тешкото“.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје