Купувал обични предмети преку интернет, а потоа ги изложувал во музеи како артефакти
Британецот Џејсон Прајс (54), кој со помош на детектор за метал пронаоѓа метални предмети во земја, песок или плитка вода, бил осуден за измама откако признал дека наводно „откриените“ римски артефакти ги купувал преку интернет-платформата „Ибеј“, а потоа ги претставил како автентични археолошки наоди, соопштила полицијата во Линколншир.
Прајс тврдел дека пронашол редок римски брош во облик на коњ во селото Лисингам во 2019 година, кој бил прогласена за исклучително значајно откритие и привремено го променил разбирањето на римската орнаментика во Велика Британија.
Брошот, опишан како „откритие што се случува еднаш во животот“, предизвикал голем интерес во јавноста. Затоа му биле исплатени 5.000 фунти за да го изложи предметот во музеј, според податоците на британски „Телеграф“.
Полицијата соопштила дека Прајс доставил сомнителни предмети до Советот на округот Линколншир во рамките на „Програмата за преносливи антиквитети“ во текот на неколку години, вклучувајќи римски монети и други артефакти за кои подоцна се утврдило дека се неавтентични.
Полицијата утврдила дека многу од предметите биле купени преку интернет и дека Прајс потоа ги закопал за да поттикне археолошки ископувања.
Прајс бил осуден на 12 месеци затвор и условно две години откако признал четири обвиненија за измама со лажно претставување. Исто така, му било наредено да му плати 3.250 фунти отштета на окружниот совет на Линколншир, како и да изврши 150 часа неплатена работа и да учествува во програма за рехабилитација.
Претставниците на локалните власти го оцениле случајот како „крајно разочарувачки“, но истакнале дека ваквите инциденти се ретки благодарение на строгата проверка на предметите пред нивното вклучување во музејските збирки.
Извор: euronews.rs
Фото: Freepik