Кога Балканот го прегрнува тангото

Кога Балканот го прегрнува тангото

Подготвил: С.Ѓ

По повеќе од 900 концерти низ цел свет, квинтетот „Белтанго“ синоќа и гостуваше на Македонската филхармонија на денот кој е можеби најсоодветен за да се слави танго културата. Салата на Филхармонијата полна, публиката расположена во духот на денот на виното и љубовта. 

Квинтет „Белтанго“ (фото: Маја Аргакијева)

Страсното танго низ делата на Гардел, Родригес, Пјацола, Родригер, Сарпино, но и Горан Бреговиќ, Дуке Бојаџиев лесно допре до гледалиштето.

Диригентот Миријан Хухунаишвили од Грузија умешно ги спои нашиот оркестар со белградскиот квинтет, кој тангото го негува повеќе од 20 години. Александар Николиќ, кој е основач на квинтетот со својот инструмент бандонеон ја шармираше публиката. Ивана Николиќ (која настапи на пијано, пееше, но изигра и танго со А.Николиќ), Фредерик Камачо, на виолина, Богдан Пејиќ на гитара и Петар Холик на контрабас на многу интересен начин споиле две култури – балканскиот ритам и тангото и го создале својот музички жанр – белтанго.

Ивана Николиќ настапи и како солист (фото: Маја Аргакијева)

Посебен аплауз и воздишка се случија по изведбата на „Tango to the hilt“ на нашиот Дуке Бојаџиев, тема од филмот „До балчак“ на Столе Попов.

Неколку танчари, предводени од Саша Евтимова настапија на дел од композициите.

Диригент на концертот беше Миријан Хухунаишвили од Грузија Фото: Маја Аргакијева