Вработувањата во струшкиот музеј се законски и нема да се поништат, дециден е в.д. директорот Јован Василески

Вработувањата во струшкиот музеј се законски и нема да се поништат, дециден е в.д. директорот Јован Василески

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултети.мк вчера објави дека Македонци што се потпишале како Албанци и Турци се избрани на конкурсот за вработување во струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“

Конкурсот во струшкиот музеј е спроведен законски и нема да биде поништен, вели Јован Василески, в.д. директор на оваа институција. Факултети.мк вчера објави дека Македонци што се потпишале како Албанци и Турци се избрани на конкурсот за вработување во струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“. Револтирани, реагираа кандидати кои на огласот се изјасниле според реалната националност.
Од Министерството за култура велат дека се ненадлежни за случајот и упатуваат на Министерството за информатичко општество и администрација, од каде што објаснуваат дека се свесни за слабостите на актуелната методологија според која се избираат кандидатите.

- Конкурсот беше регуларен. Не може да се поништи бидејќи сè беше законски - дециден е Василески.

На прашањето дали е очигледно дека луѓе со македонски имиња и презимиња се вработени како друга националност, тој кусо одговори:
- И според имињата и според сè друго, тие се вработени законски. Комисијата работеше според Закон, Управниот одбор исто така. Сите избрани имиња и националности се во согласност со тоа што го бараше огласот - вели Василески.

Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга / Фото: Wikimedia Commons

Според пропозициите, огласот за националности се објавува двапати. Ако не се избере соодветен кандидат, местата се пополнуваат со третиот објавен конкурс, на кој може да се пријави секој. Кандидатите биле избрани по првиот оглас објавен на 19 декември, а резултатите биле соопштени на 29 јануари.

Во огласот е наведено дека сите кандидати треба да приложат уверение за државјанство, лекарско уверение како доказ за општа здравствена способност за работното место и потврда/уверение дека со правосилна судска пресуда не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност. Сите документи не треба да бидат постари од шест месеци. Требало да достават и диплома/уверение за завршено соодветно образование и пријава за вработување во која се пополнуваат лични податоци, име и презиме, матичен број, датум и место на раѓање, адреса и место на живеење, електронска адреса, контакт-телефон и припадност на заедницата.

Правник за Факултети.мк објаснува дека не постои правен документ кој потврдува или може официјално да смени национална припадност.

- Секој се изјаснува според тоа како лично се чувствува - вели тој.

Пријавата каде што само се пишува националната припадност

Од Министерството за култура велат дека не се надлежни за овој случај. Се повикуваат на Законот за културата, според кој, Управниот одбор дава согласност на актот за организација на работата и систематизација на работните места на установата и одлучува во втор степен за решенија што ги донесува директорот.

- Според член 77-ѕ од Законот за културата, формата и содржината на јавниот оглас и на пријавата за вработување, начинот на спроведување на аудицијата и начинот на бодирање во зависност од категоријата и нивото на работно место за кое е објавен јавниот оглас се утврдуваат со општ акт на јавната установа од областа на културата што го донесува Управниот одбор, на предлог од директорот - велат од Министерството за култура.

Против одлуката на директорот, незадоволниот кандидат има право во рок од осум дена да поднесе жалба до Управниот одбор.

- Министерството за култура нема надлежност во постапките на работењето на установата, ниту пак во начинот и постапките за подготвување акти од областа на работните односи. За вработените во јавниот сектор надлежно е Министерството за информатичко општество и администрација - велат од службата за односи со јавноста при Министерството за култура.

Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека ги антиципирале слабостите на примената на актуелната методологија за планирање на вработувањата во јавниот сектор (и на таканаречениот софтвер Балансер).

- Како решение за надминување на состојбата во однос на изразената етничка припадност во постапките за вработување во јавниот сектор (која не се докажува со важечки документ, туку е лично чувство), во нацрт-законот за вработените во јавниот сектор (објавен на ЕНЕР на 5 септември 2019 година) предлага нов модел на секторски планови за вработување, според кој ќе се прави распределбата на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедницата. Ќе се формира Меѓусекторска комисија во која ќе членуваат министрите за финансии, информатичко општество и администрација, политички систем и односи меѓу заедниците, внатрешни работи, одбрана, образование и наука, култура, труд и социјална политика, здравство, правда и економија. Оваа комисија, земајќи ги предвид секторските планови за вработувања и предлозите на буџетските барања, ќе определи каква застапеност на заедниците ќе треба да се постигне и каква ќе биде распределбата на новите вработувања по припадност на заедница на ниво на цел јавен сектор - објаснуваат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Огласот и решението за кои в.д. директорот Василески тврди дека се законски спроведени

На прашањето зошто се објавуваат конкурси за дефицитарни места и специфични професии каде што пресудна треба да биде компетентноста, а не националноста на кандидатот, Василески вели:

- Така е според закон на сите конкурси. Законите ги донесува Собранието и ние мора да ги почитуваме - вели тој.

Во меѓувреме, невладиниот сектор ѝ даде поддршка на археологот Валентина Тодороска, која јавно проговори за проблемот. Писма до институциите испратија Македонското археолошко друштво (МАНД) и Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ).

- Доколку се работело за професионален и етички избор на кандидат, требало да се земе предвид наведеното долгогодишно искуство, наградите што се доказ за професионалноста, бројот и видот на сертификати, кои се доказ за големо искуство и познавање на дејноста од стручен аспект, како и големиот број успешно реализирани проекти директно поврзани со конкретната област и дејност. Комисијата за селекција на кандидатите и в.д. директорот требало да ги земат предвид овие докази за професионалност при (не)изборот на кандидатот, односно пред избор на другите кандидати - се вели во реакцијата на МНК ИКОМ.

Реката Црни Дрим во Струга / Фото: Wikimedia Commons