И Канада ќе се бори против сиромаштијата со универзален основен приход

И Канада ќе се бори против сиромаштијата со универзален основен приход

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Една канадска невладина организација, заедно со Универзитетот во Британска Колумбија, спроведе храбар социјален експеримент: на 50 бездомници почна да им дава по 5.900 долари месечно без никакви обврски, притоа надгледувајќи ги.

- Почнавме пред 5 години прво создавајќи истражување за да видиме какви ефекти би предизвикале директните трансфери на пари кај луѓето што неодамна станале бездомници. Тргнавме од тоа дека проблемите не се решаваат на традиционален начин. Затоа одлучивме да соработуваме со Универзитетот во Британска Колумбија, кој ни помогна да дизајнираме научно ригорозно истражување што значеше дека ќе мора да направиме случајно контролен експеримент - вели Франс Тјалинги, директор на фондацијата за социјална промена.

Истражувачите ги набљудувале бездомниците во период од 12 месеци.

- Од психолошка перспектива, подобро е некој да добие пари наеднаш бидејќи така се изразува доверба кај личноста на која ѝ помагаме - вели Франс.

Реј, поранешен работник во магацин, бил дел од експериментот.

- Добив 7.500 долари од проектот. Кога ги добив, бев воодушевен. Најважно ми беше да ги искористам овие пари за да го добијам образованието што го сакав. Отскочна штица за подобра независност - вели Реј.

Прелиминарните резултати од експериментот покажуваат дека откако бездомниците почнале да ги примаат парите, имале поголема финансиска стабилност, за разлика од оние во контролната група. Некои бездомници нашле долгорочно домување, ослободувајќи места во засолништата. Исто така, тие потрошиле доста пари за храна, облека и кирија.

- Директниот трансфер на пари е метод што го користат земјите во развој за да покажат дека е ефективна алатка против сиромаштијата. Им испраќа сигнал на луѓето дека веруваме во нив - вели д-р Џијаинг Зао, професорка на Универзитетот во Британска Колумбија.

- Во нашето истражување откривме дека треба да се гледа на бездомниците како на луѓе со индивидуални идеи за тоа каде оди иднината. Мислам дека главната работа што ја најдовме во нашето истражување е дека луѓето ги трошат парите мудро, како што би ги потрошиле вие или јас - вели Франс.

Експериментот доаѓа откако универзалниот основен приход глобално се дискутира како начин против сиромаштијата.



Извор: ВВС
Фото: Freepik