Микропластиката сѐ поприсутна во човечкиот мозок - двојно повеќе отколку во 2016 година

Микропластиката сѐ поприсутна во човечкиот мозок - двојно повеќе отколку во 2016 година

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој ден луѓето вдишуваат, јадат и пијат ситни парчиња пластичен отпад познат како микропластика и нанопластика.

Научниците долго време се сомневаат дека можат да ја преминат и крвно-мозочната бариера, која функционира како филтер помеѓу централниот нервен систем и остатокот од телото, штитејќи го мозокот од токсични материи и обезбедувајќи му хранливи материи. Студијата објавена во списанието „Нејчр медисин“ докажува дека тоа е навистина возможно.

Истражувачите од Универзитетот во Ново Мексико анализирале посмртни примероци од 52 човечки мозоци, вклучувајќи 28 кои биле на обдукција во 2016 година и 24 примероци од 2024 година. Тие пронашле микропластика во секој примерок од мозокот, а концентрацијата била за 50 проценти поголема во 2024 година отколку во 2016 година.

Имало повеќе микропластика во мозокот отколку во бубрезите или црниот дроб.

Дали микропластиката ја преминува крвно-мозочната бариера?

- Се акумулираат научни докази за контаминација со пластика во речиси сите материјали, така што овие наоди, за жал, веќе не ме изненадуваат - изјавила Бетани Корни Алмрот, која ги проучува ефектите на пластиката врз животната средина на Универзитетот во Гетеборг.

Микропластиката претходно била пронајдена во човечката крв, белите дробови, плацентата и мајчиното млеко.

- Сепак, идејата дека честичките можат да ја преминат крвно-мозочната бариера е загрижувачка - истакнала Алмрот, која не била вклучена во новото истражување.

Научниците сè уште не знаат точно како и до кој степен микропластиката влијае врз здравјето на луѓето. Други студии укажале на можна поврзаност со сериозни проблеми, вклучувајќи неколку видови рак, респираторни проблеми, срцев удар и воспалителна болест на цревата.

Најновата студија носи нов увид. Истражувачите ги проучувале мозоците на 12 луѓе со деменција и откриле повисоки концентрации на микропластика во нивните мозоци отколку кај луѓе без дијагноза.

- Зголемената концентрација на микропластика во мозокот најверојатно е резултат на зголеменото производство и употреба на пластика - вели Тамара Головеј, професор по екотоксикологија на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија.

Растат доказите за штетноста на микропластиката

Повеќето пластични парчиња пронајдени во примероците од мозокот биле полиетилен, кој е широко користен за пакување храна и пијалаци, шишиња за шампони, контејнери за рециклирање и многу други производи.

- Не беше пронајдена поврзаност помеѓу возраста на пациентите при смртта и количината на микропластика во нивните мозоци, што сугерира дека микропластиката не се акумулира во мозочното ткиво за време на стареењето - вели Головеј.

Авторите на студијата истакнале дека примероците од мозокот биле собрани од различни делови на САД, што може да влијае врз резултатите од истражувањето. Тие, исто така, нагласиле дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали микропластиката во мозокот навистина предизвикува здравствени проблеми.

Сепак, независните истражувачи рекле дека резултатите се загрижувачки, со оглед на тоа колку микропластика е присутна во околината.

- Секогаш е тешко да се докаже каузалноста, особено во човечките студии кои се потпираат на корелации - истакнала Алмрот, заклучувајќи дека доказите за здравствените ефекти на пластиката исто така растат.

Извор: euronews.rs

Фото: Freepik