Ако спиете вака, тогаш сериозно си го загрозувате здравјето, предупредуваат експерти
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Експертите предупредуваат дека една од најчестите положби во која спијат луѓето може негативно да влијае врз здравјето.
Арон М. Фурман, основач и директор на компанијата „Слипплеј“, објаснува зошто откажувањето од спиење на стомак може значително да го подобри квалитетот на сонот и општата здравствена состојба.
Отежнато дишење
Еден од главните проблеми е тоа што во оваа положба дишењето е потешко. Фурман наведува дека при спиење со лицето свртено надолу се врши притисок врз дијафрагмата, поради што во текот на ноќта е потешко да се дише со полни бели дробови.
- Спиењето на стомак може да го ограничи капацитетот на белите дробови и да доведе до тоа телото да добива помалку кислород. Кога во текот на ноќта не внесувате доволно кислород, сонот може да биде со послаб квалитет, па наутро може да се чувствувате уморни, дури и по цела ноќ спиење - објаснува Фурман.
Оптоварување на вратот и на ’рбетот
Друг проблем е оптоварувањето на вратот и на ’рбетниот столб. Бидејќи во оваа положба најчесто е неопходно главата да се сврти настрана за човек да може нормално да дише, доаѓа до постојан притисок врз вратниот дел од ’рбетот.
- Оваа неприродна положба ги оптоварува мускулите на вратот, што може да доведе до вкочанетост, болки и воспаление. Со текот на времето таквото повторувано напрегање може да предизвика хронични проблеми со вратот и главоболки - истакнува Фурман.
Спиењето на стомак може да влијае и врз долниот дел од грбот бидејќи ја „израмнува“ природната закривеност на ’рбетот. Тоа создава дополнителен притисок врз лумбалниот дел и може да доведе до долготрајни болки во грбот или влошување на постојните проблеми со ’рбетот.
Притисок врз нервите и дополнително оптоварување на градниот кош
Извртената положба на вратот може да предизвика и притисок врз нервите. Кога главата со часови е свртена настрана, може да се надразнат нервите што минуваат низ вратот и рамената, што доведува до вкочанетост, трнење или болка што се спушта по раката до дланката. Некои луѓе се будат со чувство на „вкочанета рака“, без да го поврзат тоа со положбата во која спиеле.
Фурман додава дека положбата на стомак кај одредени лица може да го отежне ширењето на градниот кош, што може да биде особено непријатно за оние што веќе имаат здравствени тегоби.
- Срцето и белите дробови функционираат во систем што зависи од слободното ширење на градниот кош. Ако ширењето е ограничено цела ноќ, на телото може да му биде потешко да одржува оптимален ритам и удобно дишење - вели тој, со напомена дека лицата со кардиоваскуларни заболувања треба да обрнат посебно внимание и по потреба да се консултираат со лекар.
Што можете да направите?
Процените се дека околу 17 отсто од луѓето спијат на стомак, но промената на положбата може да ги подобри квалитетот на сонот и општата здравствена состојба. Како најчеста препорака Фурман го истакнува спиењето на грб.
- Лежењето на грб помага да се зачува природната закривеност на ’рбетот и рамномерно да се распореди телесната тежина, со што се намалува притисокот врз зглобовите и телото - вели тој.
Спиењето настрана е уште една добра опција, особено ако сакате да го намалите ’рчењето. Перница за тело може да помогне да се стабилизирате и во текот на ноќта да не се свртите на стомак.
- Голема разлика прават и душекот и перницата што одговараат на положбата во која најчесто спиете. Добрата потпора му помага на телото да остане во поправилна положба во текот на целата ноќ - додава тој.
Извор:
Avtbl.rs
Фото: Freepik