Шпанија воведува нова алатка за мерење на омразата на социјалните мрежи: Како функционира?

Шпанија воведува нова алатка за мерење на омразата на социјалните мрежи: Како функционира?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Шпанија има цел да воведе нова алатка дизајнирана за мерење на говорот на омраза на дигиталните платформи, потврди премиерот Педро Санчез.

Оваа иницијатива е дел од пошироката владина стратегија насочена кон подобрување на надзорот над компаниите на социјалните медиуми.

На првиот Меѓународен самит против омраза и дигитално вознемирување, Санчез го најави пуштањето на HODIO, што во превод значи Отпечаток на омразата и поларизацијата - систем дизајниран да анализира како пораки на омраза се шират на социјалните мрежи и да ја процени улогата на алгоритмите во засилувањето на поларизирачката содржинa.

- Омразата е опасна, но социјалните мрежи ја претворија во оружје за масовна поделба на луѓето - рече шпанскиот лидер.

Алатката има цел да генерира индикатори за следење на еволуцијата на говорот на омраза на мрежата, да идентификува шеми на ширење и подобро да ги разбере динамиките на платформите кои придонесуваат кон поларизација.

Системот ќе анализира активности на социјалните мрежи за да го измери интензитетот на говорот на омраза, како и неговата еволуција низ времето. Според шпанската влада, целта е да се добијат податоци кои ќе овозможат креирање поефикасни јавни политики против дигитално вознемирување и да се зголеми притисокот врз технолошките платформи да преземат поголема одговорност.

Примена на повеќе социјални мрежи

Новата алатка ќе биде базирана на признати академски критериуми и ќе комбинира квантитативна анализа и стручна ревизија за да се обезбеди точност и репрезентативност.

Ќе се применува на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Х“ и „Јутјуб“ - најпопуларните платформи во земјата, и ќе прикажува ранг-листа која ќе овозможи корисниците да видат која платформа содржи најмногу говор на омраза.

Брисел предупредува за контрола на социјалните мрежи

Пуштањето на системот е дел од пошироката стратегија на шпанската влада за зајакнување на безбедноста на интернет, особено за малолетниците.

Санчез најави дека се размислува да се забрани пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, што ќе ги задолжи платформите да применат построги системи за проверка на возраст. Влада ја оправдува мерката како одговор на зголемено сајбер-малтретирање и изложеноста на тинејџерите на штетна содржина.

Сепак, националниот регулаторен притисок предизвика и претпазливост кај европските институции. Европската комисија неодамна предупреди дека мерките за контрола на социјалните мрежи не треба да ги надминуваат заедничките рамки на ЕУ, особено оние утврдени со Законот за дигитални услуги.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik