Во кое време треба да престанете да јадете пред спиење? Еве што вели науката
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Обично кога експертите зборуваат за поздрав избор во исхраната, најчесто мислат на тоа што јадете или што не јадете. Но, сè поголем број истражувања покажуваат дека времето кога јадете може да биде еднакво важно како и храната што ја јадете.
Во февруари истражувачи од медицинскиот центар „Нортвестерн“ ги објавија своите резултати во научното списание „Артериоскелросис, тромбосис енд васкулар бајолоџи“. Тие анализирале како едноставното одредување на времето кога луѓето престануваат да јадат и усогласувањето на ноќниот пост со природниот циклус на спиење и будност може да ги подобри клучните показатели за кардиоваскуларното и метаболичкото здравје, без никаква промена во внесот на калории.
Истражувачкиот тим опфатил 39 доброволци на возраст од 36 до 75 години, кои имале прекумерна тежина или дебелина и биле изложени на поголем ризик од кардиометаболни заболувања.
Учесниците биле поделени во две групи. Една група следела продолжен ноќен пост, а контролната група ги задржала вообичаените навики во спиењето и исхраната.
Единствената разлика била што од групата со продолжен пост било побарано да избегнува јадење три часа пред спиење. И двете групи ги придушувале светлата три часа пред легнување.
По експериментот, кој траел седум и пол недели, истражувачите откриле дека учесниците што се придржувале до продолжениот пост имале подобрување на ноќниот крвен притисок, подобар ритам на срцето за време на спиењето и подобра контрола на шеќерот во крвта во текот на денот.
Сепак, интервенцијата не покажала подобрување во вкупната чувствителност на инсулин, што е еден од важните показатели за метаболичко здравје.
- Усогласувањето на времето на постење со природниот ритам на будност и спиење може да ја подобри координацијата меѓу срцето, метаболизмот и сонот - системи кои заедно го штитат кардиоваскуларното здравје - вели Даниела Грималди, вонредна професорка по неврологија на Медицинскиот факултет „Фајнберг“.
Истражувачите посочиле дека кај групата со продолжен пост крвниот притисок се намалил за 3,5 отсто, а срцевиот ритам за 5 отсто, што го опишуваат како важен показател за подобро кардиоваскуларно здравје.
Исто така, учесниците покажале појасен дневно-ноќен ритам на срцето, со побрз пулс во текот на денот кога се активни, што е поврзано со подобро функционирање на кардиоваскуларниот систем.
Најважно, истражувачите истакнале дека учесниците се придржувале до правилата во 90 отсто од времето, што покажува дека ваквиот пристап е реално изводлив за повеќето луѓе.
Тие додаваат дека ова може да биде едноставна стратегија за подобрување на кардиометаболичкото здравје.
- Не е важно само колку и што јадете, туку и кога јадете во однос на времето на спиење бидејќи тоа има значајни физиолошки придобивки - вели Филис Зи, коавторка на истражувањето.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik