Хормонот што ве прави гладни го зајакнува мозокот

Хормонот што ве прави гладни го зајакнува мозокот

Подготвил: Билјана Арсовска

Кога е речиси три часот попладне, а вие станувате стрвни за колачите што некој ги оставил во кујната на работа, тогаш работи грелинот. Овој хормон се создава во стомакот и неговото ниво расте кога некое време не сте јаделе, па е познат како хормон на гладот. Но, неодамнешните истражувања на драматичните ефекти на грелинот над мозочните клетки сугерираат дека неговиот прекар може малку да се промени. Всушност, хормонот може да стане клучен играч во идните третмани на болести како Алцхајмеровата.

Истражувачите почнале да ги забележуваат ефектите на грелинот над моќта на мозокот уште од 2006 година, кога една студија покажаа дека на глувците на кои им било инјектирано дополнително количество грелин им се подобрувала меморијата и имале подобри резултати на тестирањата за до 40 отсто. Но, можеби поважно е тоа што едно друго истражување открило дека хормонот може да го спречи умирањето на мозочните клетки.


Фото: Pixabay

Според студија на Џефри Дејвис од Универзитетот во Свонси, Велика Британија, грелинот помогнал мозочните клетки на глувците со Паркинсонова болест да останат здрави, а друга негова студија, пак, покажа дека инјектирањето грелин ги подобрило меморијата и ориентацијата на глувци со Алцхајмерова болест.

И тука доаѓа прашањето: зошто хормон кој ве прави гладен би ја подобрувал функцијата на вашиот мозок. Но, ова има смисла од еволутивна гледна точка. Ако сте гладно животно во дивината, треба да бидете ментално здрави за да го најдете следниот оброк. Вашиот живот зависи од тоа.

Ако вашиот мозок има бенефит од грелинот, а нивото на хормонот се зголемува кога сте гладни, дали тоа значи дека треба да го прескокнете појадокот пред испит? За среќа не. Според еден преглед на 47 студии, појадувањето е поврзано со подобрени когнитивни функции. Но, Николас Кунат од Техничкиот универзитет во Минхен истакнува дека ефектите на грелинот над мозочните клетки не се случуваат за краток период. На новите мозочни клетки им се потребни недели за да почнат да работат. Сепак, некои луѓе се залагаат за постојана рестрикција на калории - околу 500 до 800 калории помалку од препорачаното - за здравствени и когнитивни бенефити.