Успешен прв лет на најголемиот авион на светот

Успешен прв лет на најголемиот авион на светот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Авионот со најголем распон на крилата на светот успешно го заврши првиот лет, објави американската воздухопловна компанија „Стратоланч“.

Леталото има два трупа и распон на крилата од 117 метри, што е повеќе од стадион за американски фудбал. Авионот летал два и пол часа над пустината Мохаве во Калифорнија.

- Каков сјаен прв лет. Ова е нов чекор во нашата мисија на обезбедување флексибилни алтернативи за лансирање од Земјината површина - истакна извршниот директор на компанијата, Џин Флојд.

„Стратоланч“ била основана во 2011 година од страна на Пол Ален, еден од основачите на „Мајкрософт“. Целта на компанијата е да обезбеди поевтин пристап до Земјината орбита лансирајќи сателити во вселената од авион наместо од земја.

Авионот во саботата полетал од воздушната и вселенска станица во Мохаве, околу 150 километри северно од Лос Анџелес. Летал на висина до пет километри и извел повеќе маневри, вклучително и симулирано слетување.