Марс во вистински бои - најпрецизниот мозаик открива како изгледа Црвената Планета
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пред дваесет години Европската вселенска агенција ја лансира мисијата „Марс експрес“ со цел да ја истражува Црвената Планета. Оттогаш, научниците собраа многу податоци, благодарение на кои денес знаеме многу повеќе за кањоните, кратерите, прашинските бури и скриениот мраз на Марс.
Сега, тимот зад ХРСЦ-камерата со висока резолуција претстави глобален мозаик во боја што го прикажува Марс како никогаш досега. Снимката е исклучително детална и ги истакнува и бојата и составот на површината на планетата.
Секој пиксел во симулацијата опфаќа околу 2 километри површина, а на неа можат да се забележат потемни сиво-црни вулкански песоци и посветли подрачја со глина и сулфати.
Доктор Ралф Јауман од Германскиот аерокосмички центар ја водел иницијативата што ги поврзала најновите техники на снимање со долгогодишните набљудувања.
Мозаикот што го создаде неговиот тим е составен од снимки направени со црвени, зелени и сини филтри, при што секој канал е приспособен за да ги истакне суптилните разлики на површината.
Оваа снимка не е обична фотографија. Наместо класичен приказ со тонови од беж до кафеаво, тука е применета техника на проширување на боените канали, со што стануваат видливи детали кои инаку би останале скриени.
Преку нагласените промени во бојата научниците можат да го следат развојот на површината: од вулкански активности, преку наслаги прашина, до настанување на минералите.

Фото: ESA
Облик, светлина и вистинските бои на Марс
Целта на истражувачите била да создадат кохерентна слика од Марс преку спојување на помали снимки.
Најголемите предизвици биле поврзани со формите и светлината: ако положбата на сондата или аголот на камерата е погрешно проценет, мозаикот ќе изгледа нерамномерно. Дополнително, осветленоста на Марс се менува зависно од позицијата на Сонцето. Некои делови се поосветлени поради рефлексија на светлина, дури и кога се составени од исти материјали како и потемните области.
Бидејќи атмосферата на Марс е полна со прашина, а нејзината густина сезонски се менува, поединечните снимки често изгледаат заматено или нерамномерно. Научниците користат софтверски алатки за да го приспособат контрастот меѓу сенките и осветлените делови, но не секогаш можат да ги елиминираат сите ефекти од осветленоста.
Револуција за науката
Потемните сиви делови ја откриваат присутноста на базалтни песоци, остатоци од древни вулкански активности. Посветлите подрачја укажуваат на присуство на глина и сулфати. Иако прашинските бури доаѓаат и си одат, овие геолошки формации остануваат.
Сенките што ги фрлаат ридовите и долините често се доволни човечкото око да ги разликува облиците, па нивното целосно отстранување би довело до забуна.
Суптилните разлики во бојата и осветленоста нудат траги за минатото на планетата, од присуство на вода до процеси на минерализација.
Фото: ЕSA