Кинески хуманоиден робот пристигна на „Алиекспрес“ по изненадувачки ниска цена

Кинески хуманоиден робот пристигна на „Алиекспрес“ по изненадувачки ниска цена

Кинескиот производител „Јунитри роботикс“ започна со глобална продажба на својот хуманоиден робот Р1. Достапен е на „Алиекспрес“ по изненадувачки ниска цена.

Според извештаите, продажбата во почетокот е насочена кон пазарите на Северна Америка, Јапонија, Сингапур и Европа. Ова не е првпат„Јунитри“ да го користи„Алиекспрес“ како глобален излог; нивниот помоќен и поскап модел Г1 веќе е достапен на таа платформа по цена од речиси 19.000 долари.

Продажбата на хуманоиден робот на глобалниот пазар е повеќе симболичен отколку комерцијален чекор. Со тоа производот се позиционира како лесно достапен и се прави чекор кон нормализација на технологијата која сè уште не е широко прифатена. Лансирањето на моделот Р1 го спушта прагот на достапност уште пониско и ги префрла хуманоидните роботи од подрачјето на ветувања во сферата на конкретна понуда.

Додека во Кина почетната цена за основната верзија е околу 4.370 долари, меѓународната цена се движи помеѓу 4.900 и 5.900 долари, односно околу 4.600 до 5.500 евра. Цената, се разбира, ќе зависи од курсните разлики и трошоците за достава, кои вклучуваат увозни даноци и царини. Сепак, износот звучи изненадувачки ниско со оглед на тоа што конкурентските хуманоидни роботи се значително поскапи. На пример, цената на напредниот модел Х1 на „Јунитри“ се приближува до 90.000 долари. Роботот „Оптимус“ на компанијата „Тесла“, кој сè уште не е во продажба, цели на почетна цена околу 20.000 долари, но тоа ќе биде можно дури кога „Тесла“ ќе достигне производство од милион единици годишно.

Во меѓувреме, цените на роботите на компаниите „Фигур АИ“ и Аптропик се движат околу 50.000 долари по парче.

Што може да направи Р1?


Роботот Р1 е висок 123 сантиметри, тежок помеѓу 25 и 29 килограми и има 26 паметни зглобови. Можно е да се разговара со него и да му се даваат наредби преку јазичниот модел кој препознава глас и слики. Програмерите можат дополнително да го приспособуваат со помош на развојниот софтверски пакет (SDK). Сепак, она по што Р1 се истакнува се неговите физички способности. Роботот може да прави „ѕвезда“, самостојно да легне и да стане, како и да трча по удолница. „Јунитри“ го опишува како „роден за спорт“, а снимките од неговата презентација станаа вирални пред неколку месеци. Стој на раце и удари со нога не се нешто што би очекувале од робот кој чини помалку од половен автомобил.



Колку и да се импресивни неговите движења, Р1 во основната верзија нема артикулирани прсти на рацете, а неговите мотори не можат да генерираат голем вртежен момент. Не е дизајниран да биде домашен помошник или да манипулира со сложени предмети. Компанијата го претставува како „интелигентен сопатник“ за интеракција, истражување и развој на софтвер. Ова не е домашен робот кој ќе ви свари кафе и ќе го прошета кучето, но е одличен избор за истражувачи, лаборатории и сите што сакаат да тестираат алгоритми на солиден хардвер.

Факт е дека хуманоиден робот по оваа цена значително ја намалува влезната бариера за програмерите, истражувачите и ентузијастите. Тоа е вистински скок во однос на состојбата од пред само неколку години, дури и ако некои го купат само за да го чуваат во дневната соба за да се поклони кога ќе пристигнат гостите.

Извор: bug
Фото: скриншот/јутјуб