Од „Омега“ до „Нутела“ - брендови што ја освоија вселената

Од „Омега“ до „Нутела“ - брендови што ја освоија вселената

Новата ера на вселенските патувања не им припаѓа само на државите и астронаутите. Сè повеќе станува простор во кој влегуваат и брендовите. Мисијата „Артемис II“, која ги однесе луѓето подалеку во вселената од кога било претходно, покажа дека за маркетингот буквално повеќе не постојат граници.

Вирални моменти од вселената

Во виралните снимки од капсулата „Орион интегрити“, додека астронаутите минуваат покрај Месечината првпат по повеќе од 50 години, вниманието не го привлече само историската мисија.

Во еден момент низ кабината лебди тегла од „Нутела“.

- Почестени сме што отидовме подалеку од кој било крем во историјата. Шириме насмевки на нови висини - изјавија од компанијата.

Брендови меѓу ѕвездите

Но „Нутела“ не беше единствениот бренд меѓу ѕвездите. На истата мисија се појавија и други, помалку очигледни „патници“: Никон-камерите што го документираат секој момент, гопро-уредите монтирани на капсулата, епл-уреди што ги заменуваат хартиените белешки, па дури и бричеви од „скал шејвер“ и пенкала од „фишер спејс пен“, кои НАСА ги користи со децении.

Дури и производи што не се дел од официјалната опрема, како путерот од кикиритки „џиф“ или лосиони од „Онест“, нашле начин да стигнат до орбитата, што покажува дека границата меѓу секојдневниот живот и вселената станува сè потенка.

Зошто брендовите одат во вселената?

Вселената повеќе не е затворен систем. Развојот на приватни компании, комерцијализацијата и растот на вселенскиот туризам отворија врата за сосема нова економија, онаа во ниската Земјина орбита.

НАСА ја дефинира оваа економија како производство, дистрибуција и трговија во вселената, со сè поголемо учество на приватни, комерцијални и академски актери. Денес, повеќе од 50 компании спроведуваат истражувања и проекти на Меѓународната вселенска станица.


За брендовите, вселената претставува следно ниво на маркетинг, но и позиционирање за иднината. Во време кога помладите генерации повеќе вреднуваат искуства отколку производи, да се биде во вселената станува врвна алатка. Со други зборови, ако некогаш инфлуенсерите беа врвот на промоцијата, денес тоа е вселената.

Брендови што оставиле трага

„Омега“ - часовникот што стигна до Месечината

Моделот „омега спидмастер“, познат како „мунвач“, не е само производ што бил во вселената, туку тој е создаден за неа. По ригорозни тестирања од НАСА во 1965 година, станал официјален часовник на астронаутите и бил присутен на сите мисии за слетување на Месечината, вклучувајќи ја и „Аполо 11“.

Неговата улога не била само симболична. За време на „Аполо 13“ токму овој часовник помогнал за прецизно мерење на клучно маневрирање за враќање на Земјата.

„Есте Лаудер“ - козметика во орбитата

Луксузниот бренд испратил свој производ наречен „адвенст најт серум“ на Меѓународната вселенска станица, каде што астронаутите го фотографирале во еден од најпознатите прозорци со поглед кон Земјата.

Проектот чинел околу 128.000 долари, сума споредлива со ангажирање големи инфлуенсери. Разликата? Овој производ навистина бил во вселената.

„Тесла“ - автомобил што кружи околу Сонцето

Илон Маск во 2018 година го лансирал својот „тесла роудстер“ во вселената, заедно со куклата „Стармен“. Автомобилот и денес кружи околу Сонцето и стана симбол на спојот меѓу технологијата, маркетингот и вселената.


„Ред бул“ - скок од работ на вселената

Во еден од најуспешните маркетинг-потези, „Ред бул“ во 2012 година му овозможи на Феликс Баумгартнер да скокне од височина од 39 километри, да го пробие звучниот ѕид и да постави три светски рекорди. Настанот во живо го следеле околу 8 милиони луѓе, а проектот донел и значајни научни сознанија.

„Кит-кет“ - речиси во вселената

Инспириран од овој подвиг, „Кит-кет“ испратил чоколадо во стратосферата со балон. Кампањата #breakfromgravity била реализирана за само 24 часа и станала пример за брза и креативна маркетинг-реакција.

Што следува?

Ако „Артемис II“ нешто покажа, тоа е дека присуството на брендовите во вселената ќе биде сè почесто. Како што се развива вселенската економија, компаниите што денес експериментираат со „вселенски маркетинг“ всушност ја тестираат својата позиција во иднината.

Затоа, во свет каде што патувањата во вселената еден ден ќе станат достапни за повеќе луѓе, прашањето веќе не е дали брендовите ќе бидат таму.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube