Дали изборот на музика влијае врз продуктивноста?
Состојбите во човечкиот мозок можат постојано да се менуваат поради внатрешни и надворешни фактори, вклучувајќи го тука и когнитивното возбудување или интензитетот на емоциите, како и состојбите кои ги подразбираат когнитивните перформанси. Одржувањето соодветно ниво на когнитивна возбуда може да резултира со попродуктивен тек на секојдневните когнитивни активности.
Затоа, следењето и регулирањето на состојбата на возбуда, врз основа на когнитивните перформанси, преку едноставни секојдневни интервенции како што е музиката - е тема што треба да се истражи, сметаат експертите.
Истражувачите од школата за инженерство „НИУ Тандон“, предводени од авторката Роуз Фагих и инспирирани од законот Јеркс-Додсон во психологијата - ја истражувале врската помеѓу возбудата и перформансите за време на когнитивна задача во присуство на музика.
Законот Јеркс-Додсон вели дека перформансот е функција на возбудувањето и дека умереното ниво на возбуда резултира со оптимални перформанси. Од друга страна, прекумерно високо ниво на возбуда може да резултира со анксиозност, а недоволното ниво на возбуда, пак, може да биде придружено со досада.
Во оваа студија учесниците избрале музика со смирувачки и возбудливи компоненти за да имитираат средини со мала и висока возбуда. За да го декодираат основното возбудување и перформансите во секојдневниот живот, тие користеле периферни физиолошки податоци, како и декодер за длабок увид во тоа како физиолошките одговори и когнитивните состојби влијаат врз продуктивноста.
Иако неколку фактори, како што се природата на когнитивната задача и видот на музиката, може да влијаат врз исходот, сепак, когнитивните перформанси би можеле да се подобрат и да се влијае врз степенот на возбуда токму со музиката.
Основните нивоа на возбуда се разликуваат помеѓу луѓето, а музиката може да се избере за да се постави возбудувањето во посакуваниот опсег.
Исходот од ова истражување може да ги доведе истражувачите поблиску до развој на практичен и персонализиран интерфејс на мозокот, за регулирање на внатрешните состојби на мозокот, во секојдневните животни активности.
Извор: Okvir.net
Фото: Freepik