По 84 години, во Швајцарија повторно е формирана комунистичка партија

По 84 години, во Швајцарија повторно е формирана комунистичка партија

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Над 300 учесници ја основале Револуционерната комунистичка партија (РКП) во Бургдорф, кантонот Берн. Тоа значи дека Швајцарија повторно има комунистичка партија, која била забранета во 1940 година.

- Крајно време е за враќање на револуционерниот комунизам - истакнал политичкиот секретар Дерсу Хери, според соопштението за печат на РКП.

Новата генерација извлекла револуционерни заклучоци од климатската криза, пандемијата на коронавирусот и империјалистичките војни и инфлацијата.

Како што се наведува во соопштението, на основачкиот конгрес учествувале 342 ученици, студенти и работници. Десет ѝ се приклучиле на партијата, а речиси 100 биле заинтересирани. РКП почнува со работа со 320 основачки члена и има цел да ја удвои оваа бројка во рок од една година.

РКП изразила солидарност со пропалестинските протести на различните универзитети во Швајцарија. Членовите на партијата учествувале во демонстрациите на шест универзитети. Партијата го нагласува слоганот „Без цент, без договор и без поддршка за израелската воена машина“.

Како следен чекор, РКП планира да ја формира таканаречената Револуционерна комунистичка интернационала на конференција која ќе трае од 10 до 15 јуни.

- Ширењето на пропалестинското движење низ светот ја најавува претстојната револуционерна експлозија – објавиле од новата партија.

Оригиналната Комунистичка партија на Швајцарија била основана во 1921 година. Во тоа време имала околу 6.000 члена. Во 1940 година швајцарската влада ја забранила партијата и наредила нејзино распуштање. Сојузниот суд потоа пресудил дека овој чекор е преземен затоа што партијата се залага за насилно соборување на власта, а не поради нејзината идеологија.

Извор: 6yka.com

Фото: YouTube screenshot