Нова страница за УКЛО: Се основа Факултет за медицински науки и здравство со силна поддршка од академската и локалната заедница

Нова страница за УКЛО: Се основа Факултет за медицински науки и здравство со силна поддршка од академската и локалната заедница

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја поздрави одлуката на македонската Влада за усвојување на Информацијата за потребата од основање Факултет за медицински науки и здравство како нова академска единица во состав на универзитетот. Иницијативата веќе добива широка поддршка од академската заедница, локалните институции и здравствените установи, кои ја препознаваат нејзината стратешка важност за регионот и државата.

Новата единица има цел да понуди четиригодишни студиски програми и втор циклус на студии, кои ќе го интегрираат образованието, научната работа и практиката во областа на медицината и здравствената грижа. Овој пристап ќе овозможи подготовка на висококвалификувани кадри, подготвени да се соочат со современите предизвици – стареење на населението, зголемена потреба за хронична нега, дигитализација на здравствени услуги и недостиг на здравствени професионалци.

1

Од Високата медицинска школа при УКЛО, која има долгогодишно искуство во едукација на здравствени професионалци, посочуваат дека иницијативата претставува логичен и очекуван исчекор во развојот на здравственото образование во регионот. Како институција што постојано се стреми кон унапредување на своите програми, ВМШ го гледа формирањето на факултетот како можност за академски напредок на студентите, посилна научноистражувачка компонента и подлабока интеграција со реалните потреби на здравствениот систем.

И локалните институции, вклучително и Општина Битола, ја препознаваат иницијативата како долгорочна инвестиција во човечкиот капитал и регионалниот развој. Се гледа потенцијал за јакнење на здравствената инфраструктура, унапредување на здравствените услуги, како и задржување на млади и перспективни стручњаци во локалната средина. Основачката иницијатива се гледа како придонес кон економскиот и општествениот развој, преку зголемување на образовните и истражувачките капацитети во регионот.

3

Овој нов развоен правец дополнително ја зајакнува улогата на УКЛО како активна членка на европската универзитетска алијанса КОЛОРС (COLORS). Тоа отвора нови перспективи за интернационална мобилност, заеднички истражувачки иницијативи и споделување добри практики во образованието и здравството. Така, УКЛО продолжува да го гради својот капацитет како модерен, европски ориентиран центар на знаење, подготвен да одговори на предизвиците на денешницата.

4

Раководството на УКЛО, предводено од ректорот проф. д-р Игор Неделкоски, останува посветено на развојот на универзитетот, следејќи ги начелата на квалитет, ефикасност и општествена одговорност. Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство е дел од поширока стратегија за унапредување на високото образование и негова поголема поврзаност со реалниот сектор.

Министерството за образование и наука предложи новиот факултет да почне со работа од академската 2026/2027 година.

Со тоа УКЛО прави крупен чекор напред во обезбедување стабилна, современа и интердисциплинарна основа за образование на идните здравствени професионалци, со јасна визија за локален, национален и европски развој.

(Комерцијална објава)