Дневници од 800 до 1.000 денари за оние што ќе учат за месопреработувачи - мерка на СУГС „Димитар Влахов“ и компании од месната индустрија за да се зголеми кадарот

Дневници од 800 до 1.000 денари за оние што ќе учат за месопреработувачи - мерка на СУГС „Димитар Влахов“ и компании од месната индустрија за да се зголеми кадарот

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со цел зголемување на интересот на учениците за занимањето месопреработувач, во соработка со компании од месната индустрија, училиштето обезбеди дневници за секој што ќе се запише на насоката месопреработувач, и тоа дневница од 800 денари во прва година, 900 во втора и 1.000 денари во трета. Ова е еден стимул со надеж дека интересот за занимањето месопреработувач ќе се зголеми, вели Јасминка Гудоманова, директорка на СУГС „Димитар Влахов“

Иако во државава има сѐ помалку масари и многу фирми се затвораат затоа што нема доволно кадар, загрижувачки е бројот на ученици што се запишуваат на насоката месопреработувач во СУГС „Димитар Влахов“. Директорката на училиштето, Јасминка Гудоманова, вели дека многу мал број ученици ја избираат таа професија.

- Со задоволство можам да истакнам дека оваа година СУГС „Димитар Влахов“ - Скопје го избраа 223 деветтоодделенци кои избраа да учат занает - да бидат идни фризери, козметичари, естетичари, графички дизајнери или прехранбени техничари... Оваа бројка покажува драстичен раст споредено со претходните учебни години, но тоа не може да се каже за сите образовни квалификации. За пример ќе ја земеме квалификацијата месопреработувач, која и покрај тоа што е дефицитарна на пазарот на трудот, многу мал број ученици ја избираат како нивна идна професија - истакна директорката.

Дневница од 800 до 1.000 денари за месарите

Во соработка со компании од месната индустрија, училиштето обезбеди дневници за секој што ќе се запише на насоката месопреработувач.

- Целиот овој процес е добро пласиран преку социјалните медиуми, а со цел да допреме до учениците, посебно до деветтоодделенците и на некој начин да им помогнеме во нивниот избор на професија. Мотивирачки е финансискиот надомест што го добиваат од работодавците. Со цел зголемување на интересот на учениците за занимањето месопреработувач, во соработка со компании од месната индустрија, училиштето обезбеди дневници за секој што ќе се запише на насоката месопреработувач, и тоа дневница од 800 денари во прва година, 900 денари во втора и 1.000 денари во трета. Ова е еден стимул плус со надеж дека интересот ќе се зголеми. За поздравување е и поддршката од Занаетчиската комора на Скопје, која со свои промотивни активности дава дополнителен придонес во промоцијата на занаетите пред деветтоодделенците како опција при нивниот избор за понатамошното школување - споделува директорката.



Според неа, постои постепена промена во интересот кај учениците и родителите за практична работа и дуално образование.

- Сè повеќе млади покажуваат интерес за практична настава, стекнување конкретни вештини и побрзо вклучување на пазарот на трудот, што придонесува за поголема атрактивност на стручното и дуалното образование. Особено привлечни се профилите кои нудат практична работа кај работодавци, можност за стипендии, вработување и реално работно искуство уште за време на школувањето, а таков образовен профил е месопреработувачот.
Оваа струка нуди можност за работа во производствени капацитети, контрола на квалитет, прехранбена технологија, како и можност за понатамошно образование во областа на технологија и безбедност на храна. Затоа, иако интересот можеби не е масовен како кај некои други профили, постои стабилна и реална заинтересираност, особено кај ученици кои сакаат практична и применлива професија.

Влијанието на околината е еден од факторите за незаинтересираноста

Недоволната информираност, мотивацијата, но и демографскиот фактор и влијанието од околината се главни предизвици со кои се соочува училиштето при запишување нови ученици.

- Дополнителен предизвик е и перцепцијата дека одредени струки се помалку атрактивни, иако пазарот на трудот има реална потреба од таков кадар. Кај дел од младите се забележува и недоволна мотивација при изборот на струка бидејќи често изборот го прават под влијание на околината, а не според личните интереси и способности. Исто така, конкуренцијата меѓу училиштата, намалениот број на ученици поради демографските промени и потребата од постојано следење на современите трендови во образованието претставуваат дополнителни предизвици. Затоа, особено внимание посветуваме на промоција на училиштето преку отворени денови, соработка со основни училишта, презентации, практична настава и партнерства со компании, со цел учениците и родителите навремено да се информираат и полесно да донесат правилна одлука. Од таа причина, го прифативме предизвикот на дуално образование во сферата на стручното образование, што бара дополнителен ангажман на сите. Многу свесно пристапивме кон остварување соработка со компаниите и нивно вклучување во образовниот процес, што ни овозможи да развиваме една флексибилност, но и агилност во работата. Сето ова добро изменаџирано, спакувано и пласирано преку медиумите, порталите и социјалните мрежи станува вирално, видливо за широката популација (родители, ученици) и помага за надминување на предизвиците - подвлекува Јасминка Гудоманова.

И покрај зголемените плати, ретко кој сака да работи како месар


Мики Арсовски, сопственик на компанијата „Гарче“, вели дека во месната индустрија сѐ потешко се доаѓа до квалификувани месари и целиот производствен кадар во оваа дејност.

- Една од најголемите причини е многу малата заинтересираност на младите за вакви занаетчиски професии и воедно се соочуваме со стареење на веќе постојниот кадар. Ние, како и другите компании, се трудиме да ги задржиме искусните вработени, да има повеќе интерни обука и едукација на новите вработени, а се цели и кон автоматизација на одредени делови во производниот процес - изјави Мики Арсовски.



Во изминатите години подобрени се и платите и условите за работа, но не и интересот за оваа професија.

- Работата е прилично тешка од физички аспект, а се бара и голема одговорност и дисциплина, како и доследност во секојдневното работење. Ние како компанија се стремиме да се постигне поголема стабилност, повисоки месечни примања, можност за напредување и многу внатрешни обуки со кои вработените добиваат поголеми знаења за нивната работна позиција. Според мене, фокусот би требало да падне на целиот системски пристап кон месарската професија. Ако сакаме таа повторно да стане атрактивна и да почне да се обновува кадарот, треба многу сериозно да се постават темелите за решавање на тој проблем - објаснува Мики Арсовски.

Посериозниот пристап да се насочи најпрво кон стручното образование со цел да се поврзе со потребите на индустријата, т.е. тоа би значело многу повеќе практична настава, да се направи соработка помеѓу образованието и компаниите за да им се овозможи младите да стекнат практични вештини и работни навики.

- Мора да се добие стимулација и да се одобрат стипендии или каква било финансиска поддршка, особено за ваквите професии што се во дефицит, со цел да им се докаже и покаже на младите дека имаат сигурност и развој во оваа професија. Верувајте дека на подолг рок, со ваквите промени и паметни „комбинации“ во образовниот систем, со поддршка од државата, ќе се зголеми интересот, ќе се добие квалитетно образование, стабилност во оваа професија и тоа би било многу големо олеснување за нас и за општеството - вели Мики.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.