Едноставна практика што ќе ве направи поздрави - треба да ја практикувате само 2 часа неделно

Едноставна практика што ќе ве направи поздрави - треба да ја практикувате само 2 часа неделно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Низ годините, станува сè појасно дека престојот во природа е поврзан со поздрав и посреќен живот. Иако некои лекари буквално почнале да препишуваат рецепти за престој во природата, ваквите практики не се многу чести.

Истражувачите во Обединетото Кралство сега направиле мал, но важен чекор кон едно од најсуштествените, неодговорени прашања: колку време во природа е доволно за човек да почувствува придобивки?

Извлекувајќи податоци од истражување спроведено на речиси 20.000 возрасни британци од 2014 до 2016 година, тимот смета дека пронашле неделна „слатка точка“ на престој во природата.

- Доброто здравје и високата благосостојба се значително поголеми доколку престојот на една личност во природата е 120 минути или повеќе од 120 минути - заклучуваат авторите.

Наодите се поддржани од претходни истражувања, што покажуваат дека живеењето во близина на зелени површини е поврзано со пониски ризици од кардиоваскуларни заболувања, прекумерна телесна тежина, дијабетес, итни случаи на астма, ментални заболувања, смртност, па дури и миопија кај децата.

Сепак, овие резултати се сосема нови, и останува нејасно колкава изложеноста на природа ние луѓето треба да имаме за да ги искористиме предностите. Истражувајќи ја идејата понатаму, учесниците во најновото истражување биле прашани колку често посетувале природа во последните седум дена. Случајно избирајќи еден од дневниците каде учесниците запишувале кога одат во природа, интервјуерот побарал повеќе детали, вклучувајќи колку време траела посетата, кога личноста отишла, како стигнала таму и од каде отишла. Последно, но не и најмалку важно, секој поединец бил прашан какво е нивното здравје и колку се задоволни од животот.

Спојувајќи ги одговорите, авторите откриле дека поединците кои поминале помалку од два часа во природа во текот на неделата, вклучувајќи посети на шуми, плажи и паркови, пријавиле слично здравје и благосостојба како оние кои не посетиле природа.

Но, оние кои поминале два или повеќе часа во природа, постојано пријавувале повисоки нивоа на здравје и благосостојба; додека оние кои поминале повеќе од три часа постепено покажувале придобивки, но понекогаш и загуби.

Иако е многу рано за да се направат препораки базирани на доказите за овие резултати, авторите сметаат дека нивната работа е добра појдовна точка за понатамошна дискусија и истрага. Нивните наоди укажуваат на тоа дека не е важно како се постигнуваат овие минути на изложеност на природа секоја недела, туку само да се постигнуваат. Со други зборови, ако се потребни повеќе кратки прошетки во шума за да се постигне два часа изложеност на природата, тогаш тие се исто корисни како еден долг пикник во паркот.

Овој модел е конзистентен во широк спектар на возрасни лица, без оглед на долгорочните болести, инвалидитет, возраст, пол, богатство или урбаност.