Студија од Шведска открива: Тетовираните луѓе имаат 21 процент поголем ризик да добијат рак

Студија од Шведска открива: Тетовираните луѓе имаат 21 процент поголем ризик да добијат рак

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Според Гинисовата книга на рекорди, Лаки Дијамант Рич од Нов Зеланд ја носи титулата најтетовиран човек во светот од 2006 година. Овој артист и уличен изведувач ја направил својата прва тетоважа на 16-годишна возраст, а денес, на 53-годишна возраст, лицето и телото му се целосно покриени со мастило. Тој е екстремен пример, но факт е дека тетоважите станаа важно средство за изразување на личноста, идентитетот, припадноста на одредена група и одбележување пресвртници во животот. Истражувањата покажуваат дека тетоважите се најпопуларни во Италија, каде што ги имаат 48 отсто од населението. По нив се Американците, Швеѓаните, Австралијците, Аргентинците, Данците и Британците. Иако во последните децении тие се ултимативен тренд, кој го следат фудбалерите, филмските и музичките ѕвезди, како и обичните луѓе, тетоважите не доаѓаат без ризици за здравјето.

Кои се ризиците од тетовирањето?


Познатата американска клиника „Мајо“ на својата веб-страница објави некои од ризиците за кои мора да бидат свесни сите што ќе одлучат да се тетовираат. Прво, мастилото за тетоважа може да предизвика алергиски реакции на кожата, како што е исип со чешање на местото на тетоважата. Ова може да се случи дури и по неколку години од тетовирањето, а црвената боја е поверојатно да предизвика алергиска реакција отколку другите бои. По тетовирањето е можна инфекција на кожата. Инфекцијата може да настане од контаминирано мастило или опрема што не е правилно стерилизирана. Ако опремата што се користи за правење тетоважа не е правилно стерилизирана, можно е да се добијат заразни болести кои се пренесуваат преку крв. На пример, тоа се ХИВ инфекција, хепатит Б, хепатит Ц, херпес, тетанус и други.

Една неодамнешна студија спроведена од Џон Свиерк од Универзитетот „Бингхамтон“ дава вознемирувачки наоди за потенцијалните здравствени ризици поврзани со тетовирањето. Научниците анализирале 54 од најпопуларните мастила за тетоважи во САД и откриле дека 29 ги имаат наведени точните пигменти, додека другите или не биле наведени или имале погрешни пигменти. Претходните студии покажале дека саѓите, примарниот црн пигмент што се користи во тетовирањето, може да бидат контаминирани со некои од молекулите што предизвикуваат рак, кои се наоѓаат во издувните гасови од автомобилите и чадот од цигарите. Исто така, многу црвени, жолти и портокалови пигменти со текот на времето може да се разградат на канцерогени материи.

Што покажала студијата на шведските научници?

Бидејќи Швеѓаните се меѓу народите со најмногу тетоважи, научниците од Универзитетот „Лунд“ решиле да спроведат студија за долгорочните ефекти на тетоважите врз здравјето. Студијата опфатила речиси 12.000 луѓе во Шведска.

- Откривме дека тетовираните луѓе имаат 21 отсто поголем ризик од појава на лимфом отколку луѓето без тетоважи, откако ги зедовме предвид статусот на пушење и нивото на образование, бидејќи и двата фактора можат да бидат поврзани со тетовирањето и развојот на лимфом - вели д-р Кристел Нилсен, ководач на студијата.

Истражувачите ги идентификувале сите оние на кои им бил дијагностициран лимфом помеѓу 2007 и 2017 година, речиси 3.000 луѓе, и ги споредиле со група според возраста и полот која немала рак. Сепак, неопходни се нови истражувања.

- Не е соодветно да се даваат препораки за тетоважа врз основа на оваа единствена студија. Потребни се повеќе истражувања пред да го направиме ова. Но, луѓето со тетоважи мора да бидат свесни дека можат да имаат последици. Доколку почувствувате некакви симптоми кои би можеле да бидат поврзани со тетоважата, треба да побарате лекарска помош - нагласи д-р Нилсен.

Извор: jutarnji.hr

Фото: Freepik