Коктели што менуваат бои, келнери во ретро костими... Во Лондон е отворен бар од филмот на Вес Андерсон
Пастелни фасади, геометриски шари, ретро костими, совршена симетрија и допир на носталгија се добро познатите елементи од световите на Вес Андерсон кои нè воодушевуваат со години, а за сите љубители на овој филмски гениј, но и на уникатните искуства, во срцето на Лондон се појави поп-ап бар кој изгледа како да излегол од еден од неговите филмови.
Во лондонски Сохо, легендарниот ресторан „Боб Боб Рикард“ привремено ја трансформира својата позната „Црвена соба“ во „Марсеј Бобс“, фиктивен бар од најновиот филм на Андерсон „Феникиската шема“, а овој тематски бар им нуди на посетителите можност директно да влезат во препознатливиот и имагинативен свет на култниот режисер.
Целта била да се создаде импресивно искуство каде што гостите ќе се чувствуваат како статисти на филмски сет, а трансформацијата на просторот е завршена. Секој агол зрачи со естетиката на Андерсон, од неонскиот знак „Марсеј Бобс“ кој ги пречекува гостите до менито со графики од креативниот тим на филмот. Келнерите, облечени во бели јакни, со црвени каранфили и препознатливи фесови, дополнително ја зголемуваат автентичноста, реплицирајќи ги костимите од филмот.
Како што го опиша филмскиот критичар Калеб Афтаб, „Феникиската шема“ е акциона шпионска авантура со допир на магија, а пијалаците и закуските се внимателно изработени за да одговараат на темата, црпејќи инспирација од заплетот, естетиката, ликовите и незаборавните цитати од филмот.
Менито содржи четири препознатливи коктели: „Тајкун он д рокс“ - маргарита послужена со пипета и менување на бојата, дизајнирана да личи на тестирање отров, „Хенд Гренејд“ - варијација на белиот негрони, инспирирана од реплика од филмот, „Вирџин Новитиате“ - елегантен и енигматичен коктел од шампањ со коњак „Хенеси ВС“ и мараскино цреша, и „Норвеџиан тутор“ - безалкохолна опција со безалкохолно вино „Томсон и Скот“, Танџереј 0,0% и мараскино цреша.
За оние што ќе огладнат, постојат едноставни, но раскошни закуски кои ја одразуваат естетиката на филмот - џиновски солени переци послужени во сребрени чинии и конзерви од димени инчуни со путер и црн леб. Овој уникатен бар ќе биде отворен само до 22 јуни оваа година.
Извор: miss7.24sata.hr
Фото: Instagram/Facebook