Зошто ве лазат морници кога ќе ја чуете омилената песна?

Зошто ве лазат морници кога ќе ја чуете омилената песна?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сигурно ви се има случено кога слушате дел од омилената песна или гледате емотивна сцена од филм, одеднаш да ве полазат морници по грбот, како нешто длабоко однатре да ве пресекло.

Кожата ви се ежи, телото затреперува без очигледна причина. Не сте настинати, никој не ве исплашил, температурата е нормална, а сепак чувствувате силна физичка реакција. Ви звучи познато?

Овој феномен се нарекува психоген тремор и не е случаен. Науката со години го проучува и сè повеќе го потврдува она што многумина го чувствуваат: телото и емоциите се нераскинливо поврзани.

Телото реагира на емоции побрзо од умот

Според истражувачот Феликс Шелер од Центарот за интердисциплинарни истражувања во Париз, ваквите ненадејни тремори не се поврзани ниту со студ ниту со суеверие. Тоа е начин на кој мозокот реагира на силни внатрешни емоции.

- Интересно е што овие тремори можат да се запрат со налоксон, супстанција што се користи кај пациенти предозирани со опијати - објаснува Шелер.

Ова укажува на тоа дека телото во такви моменти активира свои природни „опијати“ и предизвикува чувство на длабоко олеснување. Со други зборови, кога поради нешто ве лазат морници, вашето тело реагира инстинктивно ослободувајќи напнатост за која можеби не сте ни свесни дека ја носите.

Психогените тремори најчесто се јавуваат кога разумот се судира со силна емоција и кога во вас се буди некој подлабок слој од лично искуство. Можеби е тоа песна што ве враќа во детството, сцена што ве потсетува на некоја драга личност или мисла што ве затекнува пред мозокот да стигне да ја рационализира. Телото веќе го дава својот одговор.

Тоа се оние моменти кога чувствувате дека нешто ве „погодило“ и ве лазат морници иако тие не биле предизвикани од никаква надворешна причина. Телото тогаш ослободува внатрешна тензија и ви помага да се справите со емоции што тешко се искажуваат со зборови.

Зошто некои никогаш не го чувствуваат ова?

Не се сите подложни на овој феномен. Некои луѓе велат дека никогаш не доживеале психоген тремор. Можеби се емоционално отворени или почесто ги потиснуваат чувствата. А можеби само не доживеале специфичен момент што би го разбудил овој длабок одговор во нив.

Дали тоа значи дека треба почесто да си дозволиме да чувствуваме, да се разнежниме, да бидеме трогнати? Веројатно да.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Pexels