Интервју со м-р Дејан Геговски, градежен инженер: Посветеноста и одговорниот пристап ме донесоа до „Инженерски прстен“

Интервју со м-р Дејан Геговски, градежен инженер: Посветеноста и одговорниот пристап ме донесоа до „Инженерски прстен“

Уште од мали нозе им се восхитував на градбите, особено на помаркантните и оние древните грандиозни градби. Често гледав документарци во кои предмет на истражување беа токму ваквите градби, а начинот на кој ги анализираа особено ме заинтригира. Најверојатно оттаму се родија желбата и интересот кон градежното инженерство, се потсетува Геговски

М-р Дејан Геговски е градежен инженер кој неодамна го доби високото признание од претседателот на државата - „Инженерски прстен“. Тој е дипломец на конструктивната насока и во моментов работи во проектантското биро „Диви Македонија“. Овој млад човек, кој по потекло е од Гостивар, доделувањето на ова признание го доживува како повод и поттик да продолжи со надградба низ професионалната кариера. Во интервју за Факултети.мк зборуваме со Дејан за љубовта кон професијата, за студиите на Градежниот факултет, како и за неговите идни планови.



Вашето име го впишавте како носител на „Инженерски прстен“, како круна на досегашниот вложен труд во образованието. Што претставува ова признание за Вас?

- Ми претставува огромната чест и задоволство да бидам носител на вакво признание од највисок ранг, кое би рекол дека претставува настроение на секој млад инженер. Доделувањето на овој прстен го доживувам како потврда и пофалба на мојата досегашна работа, а уште повеќе како повод и поттик да продолжам со надградба  низ професионалната кариера.

Од каде се роди интересот кон градежното инженерство?

- Уште од мали нозе им се восхитував на градбите, особено на помаркантните и оние древните грандиозни градби. Често гледав документарци во кои предмет на истражување беа токму ваквите градби, а начинот на кој ги анализираа особено ме заинтригира. Најверојатно оттаму се родија желбата и интересот кон градежното инженерство и одлуката во таа насока да го продолжам моето образование.

Од оваа гледна точка, како го оценувате квалитетот на студиите на Градежниот факултет во Скопје при УКИМ?

- Во своето седумдецениско постоење, Градежниот факултет во Скопје се етаблира во вистински центар за градежништво, геодезија и геотехника во нашата земја. Во него своето образование го стекнале многу инженери кои во минатото, па и денес активно учествуваат во решавањето на сите инженерски предизвици во државава и во странство. Што се однесува до квалитетот на студиите, со задоволство можам да кажам дека Градежниот факултет во Скопје располага со квалитетен наставен кадар, професори и асистенти кои безрезервно им го пренесуваат своето знаење на студентите. Особено би го истакнал блискиот однос наставник – студент, кој на секој студент му влева посебно чувство на самодоверба и амбиција за постојано надградување во струката. Наставата изобилува со практични предмети, кои значително придонесуваат во профилирањето на еден инженер во областите на градежништвото, геодезијата и геотехниката, при што секој дипломиран инженер е лесно препознаен и прифатен на пазарот на трудот, во земјава и во странство. Покрај науката, во текот на студиите сите студенти имаат можност да учествуваат во најразлични студентски организации, кои се под покровителство на факултетот и кои нудат можност за дружење и стекнување нови пријателства. Од лично искуство, можам да кажам дека учествував на неколку такви студентски организации, каде што стекнав многу пријателства со колеги од струката, со кои сум во перманентна комуникација како на професионален така и на приватен план.



Кои беа Вашите принципи за успешното образование и Ве доведоа до признанието „Инженерски прстен“?

- Принципи, а воедно би рекол мои карактеристики, се: одговорност, посветеност, детерминираност и амбициозност, со што посебен акцент би ставил на одговорноста. Сметам дека одговорниот пристап пред секој предизвик/задача е клучна работа за успех.

Какви се Вашите планови за инженерската иднина – продолжувате ли во образованието или одлучивте да влезете во практична реализација на инженерските знаења?

- Бидејќи веќе 3 години бев во образовниот систем, како демонстратор на Катедрата за бетонски и дрвени конструкции (КБДК) на Градежниот факултет во Скопје при УКИМ, можам да констатирам дека би продолжил по тој пат доколку се укаже реална можност за вработување. Но, поради сложеноста и бавноста на самиот процес на вработување, а дополнително и финансискиот момент (како демонстратор), минатата година ја напуштив позицијата во факултетот и се вработив во приватно проектантско биро. Моментално се занимавам со решавање практични проблеми, но морам да признаам дека за нијанса повеќе уживам во научно истражувачките дејности.

Која е Вашата клучна порака/апел за младите колеги од инженерската струка?

- Со завршувањето на образовниот процес не завршува и потребата од надградување на нашите знаења и вештини, туку напротив, таа продолжува и нѐ следи во текот на целата професионална кариера. Мој апел до сите инженери е константно вложување во надградба на знаењето, иновативноста, креативноста и вештините бидејќи само така ќе имаме уште поголем придонес во општествениот развој.

Фото: Приватна архива