Филип Стоилков, најдобар студент на Правен со просек 9,88: „Не му требаат драстични промени на правниот систем, туку на луѓето што оперираат во него“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Го заврши првиот циклус студии на Правниот факултет за три години со просек 9,88. Филип Стоилков е прогласен за еден од најдобрите студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Уште во 2025 година се запиша на втор циклус студии и веќе ја заврши првата година. Во иднина се гледа себеси како успешен адвокат.
- Не мислам дека му требаат драстични промени на правниот систем, туку на луѓето што оперираат во него. Да се биде добар правник, не значи дека добро се познаваат законите, туку дека се негуваат соодветни вредности. Во одредени позиции правниците носат судбоносни одлуки - вели Стоилков на нашето прашање што би променил во правниот систем во Македонија.
Потребна е упорност и студиите да ве интересираат
Правото отсекогаш беше негова животна определба. Заврши средно училиште како правен техничар во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје, а потоа продолжи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, насока Правни науки.
- Нема посебен рецепт за постигнување ваков успех. Потребна е само упорност и да ви е интересно тоа што го учите. Меѓу другото, сметам дека високиот просек не е најдобриот показател за тоа дали некој е добар студент - вели Стоилков.
На почетокот немал ни план за одржување висок просек. Меѓутоа, успехот дошол природно и потоа во трета година продолжил со исто темпо за да го задржи. Беше добитник на стипендија за талентирани студенти за време на додипломските студии, а сега добива стипендија и за постдипломските студии.
Учел на предавањата преку дискусија со професорите
- Многу е важен балансот помеѓу учење и дружење за време на студентските години. Мислам дека во трите години студии практикував добар баланс и се стекнав со многу нови пријателства за време на студиите - додава тој.
Додава дека за учење посветил време како и секој просечен студент.
- Повеќе учев на предавањата преку дискусија со професорите. Повеќето испити ги подготвував од една до две недели, со по 4 до 5 часа активно учење на ден. Морам да признам дека испитите како Граѓанско процесно право, Меѓународно приватно право и Облигационо право беа вистински предизвик и бараа поголем труд - вели Стоилков.
Учесник на натпревари за меѓународна трговска арбитража
Смета дека студиите треба да го подготват студентот за самиот да може да се пробие на пазарот на труд. За неговото искуство многу придонело учеството на „Vis Moot“ натпреварите за меѓународна трговска арбитража.
- Излегува измислен случај што е меѓународен трговски спор. Тоа претставува документ од 50 страници со сите списи за случајот. По изведување на доказите, страните поднесуваат барање за арбитража пред некоја светска арбитражна институција која е спонзор на натпреварот. Потоа секој универзитет подготвува два писмени поднесоци, по еден за тужителот и еден за тужениот во рок од 4 месеци. Секој тим се дели на два поттима, еден работи процедурални прашања, а другиот материјални прашања. Јас лично работев на процедуралните прашања. По завршување со писмените поднесоци, се организираат Pre-Moots, каде што тимовите се подготвуваат и вежбаат за усните рочишта. Нашиот тим минатата година учествуваше на еден од поголемите во Белград каде што имавме 6 усни рочишта во 2 дена. Потоа, официјалните усни рочишта се одржуваат во Виена, каде што секој тим има 4 рочишта. Оваа 2026 година победи Универзитет од Мунстер, Германија. Нашиот тим редовно остварува задоволителни резултати и годинава влеговме во првата половина од сите универзитети во светот - раскажува Стоилков.
Половина постдипломски студии веќе му се завршени
Следната година повторно ќе учествува и се надева дека со стекнатото искуство ќе помогне да се остварат подобри резултати.
Во октомври 2025 година се запиша на втор циклус студии по финансиско право. Веќе ја заврши првата година и му останува уште еден семестар и изработка и бранење на магистерскиот труд.
Фото: приватна архива