Од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, во јануари 2025 година, земјите од Западен Балкан не се во центарот на вниманието на американската надворешна политика. Американскиот државен секретар Марко Рубио сè уште не го посетил овој дел од Европа, но на Балканот престојуваше Марк Бернс, духовниот советник на Трамп.
Бернс детално ги објавуваше своите посети на Србија и Босна и Херцеговина, како и средбите со локални функционери, меѓу кои и со српскиот претседател Александар Вучиќ, испраќајќи пораки за љубов и мир.
Неговото доаѓање, сепак, отвори прашања за тоа што точно работи духовниот советник на претседателот на САД и колкаво влијание има врз носењето одлуки во Белата куќа.
- Значењето на функцијата духовен советник значително се промени во последните 50 години, а неговите должности никаде не се прецизно дефинирани - вели Андреа Џеј Тери, професорка по комуникации специјализирана за претседателска реторика и религија.
Историски гледано, Трамп не е ниту првиот ниту единствениот американски претседател што има духовен советник. Речиси половина од досегашните претседатели на САД припаѓале на епископалната или презвитеријанската протестантска црква. Џон Ф. Кенеди и Џозеф Бајден се единствените католици што ја извршувале највисоката државна функција.
1. Какво е значењето на функцијата духовен советник?
Првично, духовните советници биле приватни советници кои понекогаш имале и церемонијални улоги. Тие можеле да ја водат молитвата на претседателската инаугурација, да упатуваат зборови на утеха по национални трагедии или да претседаваат со молитвениот појадок.
Молитвениот појадок е еден од најпознатите и најдолговечни настани што ги поврзуваат религијата и политиката во Вашингтон. Од 1953 година се одржува секој прв четврток во февруари и на него присуствуваат американскиот претседател, членови на Конгресот, политичари, воени лидери и гости од странство.
Со текот на времето духовните советници станале поважни бидејќи претседателите им дозволувале да имаат поголеми јавни улоги.
2. Какви се обврските на духовните советници?
Нивната улога не е формално регулирана со официјални документи. Единствениот советник што имал официјална титула капелан на Белата куќа бил Били Греам. Евангелистичкиот пастор бил духовен советник на повеќе американски претседатели, од Хари Труман во 50-тите, преку Ричард Никсон, до Бил Клинтон.
Во последните 25 години оваа улога станала поважна, особено откако Џорџ Буш Помладиот им дозволил на своите духовни советници да зборуваат на настани со политички импликации.
За време на првиот мандат на Трамп улогата дополнително се промени. Пола Вајт-Кејн држела религиозно обоени говори во кои го фалела Трамп, јавно се молела за него и ја користела молитвата за да го стави претседателот во центарот на вниманието. Во неговиот втор мандат, Вајт-Кејн е виша советничка во Канцеларијата за вера на Белата куќа, основана во февруари 2025 година.
Пасторот Марк Бернс не се наоѓа на списокот на вработени во Белата куќа. Тоа не е невообичаено бидејќи личниот духовен советник е неофицијална функција и не се финансира со пари од даночните обврзници.
- Не наидов на информации дека ова е платена позиција бидејќи официјално не е дел од претседателската институција. Сепак, разумно е да се заклучи дека патувањата на Марк Бернс можеби ги покрива владата, бидејќи тој напиша дека во Србија бил како „духовен дипломат“ - вели професорката Тери.
3. Како се избираат?
Историски гледано, одлуката за избор на духовен советник ја носи самиот претседател на САД.
Бил Клинтон и Барак Обама имале повеќе лица кои им давале духовни совети во различни својства. Обама, на пример, имал повеќе духовни советници со различни верски убедувања, кои извршувале церемонијални улоги и зборувале на различни настани.
4. Што кажува изборот на Бернс за Трамп?
Иако Бернс има голем број фотографии со Трамп на социјалните мрежи, а на својата официјална веб-страница го истакнува и твитот во кој американскиот претседател го фали, пасторот го следат и многубројни контроверзии.
Тој тврдел дека дипломирал на Универзитетот во Јужна Каролина, но Си-ен-ен утврди дека таму поминал само еден семестар. Бернс, исто така, тврдел дека бил во повеќегодишна активна воена служба, иако всушност бил резервист.
Најпрво рекол дека неточните податоци во неговата биографија биле последица на хакерски напад, а подоцна признал дека не ја кажал вистината за своето образование.
Тој тврди дека демократите го напаѓаат само затоа што е црнец кој го поддржува Трамп.
Според Тери, именувањето на Бернс зборува за приоритетите на актуелниот американски претседател.
- Овој потег е во согласност со другите именувања на Трамп – луѓе кои му се лојални и безрезервно се согласуваат со неговата агенда - вели таа.
5. Колкаво е влијанието на духовниот советник?
За разлика од советниците за национална безбедност, кои низ историјата значително влијаеле врз одлуките на американските претседатели, влијанието на религиозните или духовните советници потешко се утврдува.
Професорката Тери вели дека пронашла докази оти разговорите со пасторот Кирбиџон Колдвел влијаеле врз претседателот Џорџ Буш Помладиот. По нападите од 11 септември 2001 година, Колдвел го советувал Буш да воспостави национален ден на молитва за жртвите.
- Советниците најмногу влијаат врз претседателите преку приватни разговори и затоа е многу тешко да се анализира нивното значење. Но, може да се анализира нивната јавна работа за да се види дали му помагаат на претседателот да размислува подлабоко и повнимателно да ја разгледува моралноста на сопствените постапки - вели Тери.
Дали пасторот Бернс е човек кој може да влијае врз одлуките на Трамп?
- Се чини малку веројатно дека Бернс ќе го поттикне Трамп на некакво длабоко размислување. Поверојатно е дека дополнително ќе го охрабрува - заклучува таа.
Извор:
BBC
Фото:
Instagram