Топењето на мразот на Гренланд ја помина точката од која нема враќање
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сателитски фотографии од Гренланд од речиси 40 години покажуваат дека глечерите на островот се намалиле толку многу, што дури и доколку се запре глобалното затоплување, мразот ќе продолжи да се топи. Ова е заклучокот на ново истражување објавено неделава.
Според истражувачите, топењето на глечерите на Гренланд ја поминало точката од која нема враќање. На островот, снегот кој паѓа ги надополнува деловите од мразот што се стопиле во текот на топлите месеци. Но,
истражувањето покажува дека снежните врнежи повеќе не се доволни за да се надополни стопениот мраз.
Микаела Кинг, главен автор на истражувањето, објаснува дека мразот што се топи во океанот е поголем од снегот што се собира на ледената површина.
Фото: Freepik
Кинг и другите истражувачи анализирале месечни сателитски податоци од над 200 големи глечери во океанот околу Гренланд. Анализата покажала дека во 80-тите и 90-тите, снегот кој се собирал на мразот и мразот кој се топел од глечерите биле во баланс и мразот останувал непроменет. Тие децении се топеле околу 450 гигатони мраз годишно, што потоа бил обновен со снежните врнежи.
Околу 2000 година глечерите губеле околу 500 гигатони секоја година, но снежните врнежи не се зголемиле. Оттогаш се топи исто толку мраз секоја година. Кинг вели дека големите глечери на Гренланд се повлекле околу 3 километри од 1985 и повеќе глечери се опкружени со повеќе вода од порано, а водата од океанот го забрзува топењето на мразот.
Фото: Freepik
Според неа, дури и доколку луѓето успеат веднаш да го запрат глобалното затоплување, мразот што се топи од глечерите најверојатно повторно ќе биде поголем од мразот што се добива од снежните врнежи, па затоа глечерите ќе продолжат да се топат со иста брзина долг период.
Глечерите што се топат на Гренланд претставуваат проблем за целата планета. Мразот што се топи завршува во Атлантскиот Океан и потоа во другите океани, а со тоа расте нивото на морето. Минатата година се стопил доволно мраз на Гренланд за да предизвика пораст на морското ниво од 2,2 милиметри за само два месеца.
Автор: Лора Ареншилд
Извор:
phys.org