Дали вештачката интелигенција нѐ прави поглупави? Одговорот ќе ве изненади

Дали вештачката интелигенција нѐ прави поглупави? Одговорот ќе ве изненади

Вештачката интелигенција денес може да напише студентски есеј, да испланира оброци или да состави е-порака.

Но, придобивките од таквата помош предизвикуваат многу поделени мислења. Едни во вештачката интелигенција гледаат алатка што ослободува време за други активности, додека други се плашат дека препуштањето на размислувањето на компјутерите ќе ја ослаби нашата способност за самостојно размислување.

Вистината е веројатно некаде во средината, вели Трент Кеш, бихејвиорален научник од Универзитетот во Ватерло во Канада.

Вештините што сме ги научиле како што се решавањето математички задачи или препознавањето полипи за време на колоноскопија, навистина можат да ослабат ако во целост ѝ ги препуштиме на вештачката интелигенција, тврдат Кеш и неговите колеги во трудот објавен во списанието „Трендс ин когнитив сајенсес“.

- Доказите се многу јасни: ако одредена вештина ѝ ја препуштиме на вештачката интелигенција, многу е веројатно дека нема добро да ја задржиме - вели тој.

Важно е како ја користиме вештачката интелигенција

Новите истражувања покажуваат дека пресудната разлика ја прави видот на ВИ-алатката и начинот на кој ја користиме.

Вештачката интелигенција најмногу ги слабее нашите способности кога го заменува менталниот труд потребен за увежбување одредена вештина. Од друга страна, ако за време на учењето останеме ментално активни и ја користиме вештачката интелигенција за повратни информации или примери, нашите вештини можеме да ги зачуваме, па дури и да ги унапредиме.

Кеш смета дека стравовите дека вештачката интелигенција постепено ќе ја „изделка“ човечката интелигенција како дигитално џебно ноже се претерани. Исто така, тешко може да верува во катастрофалните сценарија според кои луѓето потполно ќе заборават да размислуваат.

- Луѓето се многу прилагодливи. Не мислам дека вештачката интелигенција одеднаш ќе ги претвори нашите мозоци во каша - вели тој.

Кога вештачката интелигенција ќе ја заврши работата наместо нас, вештините исчезнуваат

Сѐ поголем број истражувања покажуваат како нашиот мозок реагира на интелектуалната помош од вештачката интелигенција. Резултатите понекогаш не се охрабрувачки.

Во истражување од 2025 година, лекари обучени за препознавање полипи за време на колоноскопија користеле ВИ-алатка што им помагала во работата. По три месеци, кога повторно работеле без помош од вештачката интелигенција, нивната успешност во откривањето полипи била пониска.

- Авторите на истражувањето сметаат дека лекарите на некој начин заборавиле што треба да бараат - објаснува Кеш.

Сличен образец се појавува и кај многу поедноставни, секојдневни вештини.

Во истражување меѓу средношколци кои учеле нов математички концепт, алатките како „Чет-ГПТ“ помагале во решавањето на задачите.

Меѓутоа, кога ВИ-помошта им била одземена, учениците постигнале полоши резултати од оние кои воопшто не користеле вештачка интелигенција.

Слично е утврдено и кај разбирањето на прочитан текст.

Учесниците кои користеле ВИ-асистент за решавање задачи од САТ-тестовите имале повеќе потешкотии во пронаоѓањето на точните одговори кога останале без помош од вештачката интелигенција, покажало истражувањето на експертката за машинско учење Грејс Лиу од Универзитетот Карнеги Мелон.

Откако го изгубиле ВИ-асистентот, учесниците исто така почесто ги прескокнувале прашањата отколку оние кои никогаш не го користеле. Едноставно се откажувале. Авторите предупредуваат дека тоа е особено загрижувачки бидејќи истрајноста е темел за стекнување нови знаења и вештини.

Сѐ заедно покажува дека луѓето наидуваат на потешкотии кога ѝ го препуштаат извршувањето на задачите на вештачката интелигенција, без оглед дали се работи за препознавање медицински аномалии, решавање проблеми или истрајност при тешки прашања.

Кеш смета дека сѐ се сведува на добро познатото правило: „Користи или ќе изгубиш“. Тоа значи да се остане вклучен во процесот на размислување и да не се дозволи вештачката интелигенција да размислува наместо нас.

Вештачката интелигенција може да биде одличен учител

Користењето на вештачката интелигенција не значи нужно дека нашите способности ќе ослабат. Алп Сунгу истакнува дека е сосема можно да се вложи потребниот труд во учењето, а притоа да се добие корисна помош од вештачката интелигенција.

Тоа значи да се користат ВИ-алатки што нудат насоки и примери, наместо веднаш да даваат готови решенија. Во истражувањето со средношколците, Сунгу и неговите колеги развиле ВИ-алатка која функционирала слично како „Чет-ГПТ“, но не давала директни одговори.

Наместо тоа, на учениците им нудела совети за решавање на задачите и ги поттикнувала за време на работата. Таквиот пристап им овозможил на учениците да го научат новиот математички концепт исто толку успешно како и оние кои учеле на традиционален начин од учебник.

Според неговите зборови, има голема разлика меѓу користењето на вештачката интелигенција како приватен учител и нејзиното користење како машина која само дава одговори. Учениците и понатаму морале самите да размислуваат. Вистинското сознание, вели тој, се случува токму за време на борбата со новиот концепт.

Вештачката интелигенција може да даде исто толку квалитетни повратни информации како и експертите


Вештачката интелигенција може да даде повратни информации со квалитет споредлив со оној на експертите. Тоа го покажува истражување на Бенџамин Лира Лутгес и неговите колеги од Универзитетот во Пенсилванија, кои испитувале дали вештачката интелигенција може да помогне при уредување мотивациски писма за работа.

Учесниците што добивале насоки од вештачката интелигенција постигнале еднакво добри резултати како и оние што работеле со професионални советници. Нивните мотивациски писма имале иста веројатност да обезбедат покана за интервју, покажало истражувањето објавено во 2026 година на платформата „архајв“.

Извор: n1info.hr
Фото: Unsplash