Новини за стимулација за студирање на Технолошко-техничкиот факултет - Велес: ослободување од партиципација за одредена студиска програма

Новини за стимулација за студирање на Технолошко-техничкиот факултет - Велес: ослободување од партиципација за одредена студиска програма

Технолошко-техничкиот факултет (ТТФ) од Велес како високообразовна институција при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во континуитет обезбедува образование на високостручни кадри преку современи студиски програми на трите циклуси академски студии кои овозможуваат стекнување знаења, вештини и искуства од областа на нутриционизмот, прехранбената технологија и биотехнологијата.

Во рамките на една присутна и изразена свесност за значењето на секоја поддршка што им се нуди на студентите, Факултетот нуди можност  во следните уписни рокови да го стимулира и финансиски да го помогне студирањето на насоката ПРЕХРАНБЕНА ТЕХНОЛОГИЈА И БИОТЕХНОЛОГИЈА.

Имено, во рамките на реализацијата на Конкурсот за упис на нови студенти во прва година, во рамки на вториот и третиот уписен рок, Технолошко-техничкиот факултет, сите нови студенти што ќе се запишат како редовни студенти на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија во учебната 2021/2022 ги ослободува од партиципација во првата академска година (во денарска противвредност  од 200 ЕУР).

1

Од оваа единица на УКЛО потврдуваат дека паралелно со поддршката за своите студенти, посветени се на обезбедување квалитет на наставниот и научноистражувачкиот процес. Факултетот посветува особено внимание и на практичната настава, преку која студентите стекнуваат адекватни искуства и знаења неопходни за нивниот професионален развој. За таа цел, Факултетот соработува со голем број стопански субјекти каде што се реализира практичната настава на студентите, предвидена со студиските програми и на тој начин се овозможува, набргу по дипломирањето, академското столче да го заменат со конкретна работна позиција.

За значењето на студиските програми на Технолошко-техничкиот факултет, а особено за перспективите што им се нудат на студентите, повеќе од впечатливо говорат фактите произлезени од „новото реално време“ обележано со ковид-кризата: евидентното зголемување на побарувачка на храна, особено онаа што го поддржува имунолошкиот систем. Современиот потрошувач преферира храна со висок квалитет и нутритивна вредност, а ваквите барања наметнуваат потреба од примена како на традиционални така и иновативни технологии и рецептури во преработката на храната. Секако, тоа наметнува и потреба од едуциран кадар што ќе биде подготвен да се вклучи во процесите на производство на безбедна и здрава храна во согласност со современите потреби.

2

Поради тоа, од ТТФ потенцираат дека студирањето на модерни студиски програми поврзани со производството на храна претставува избор што гарантира стекнување знаења и профилирање на стручен кадар кој е баран на пазарот на труд и секогаш ѝ е потребен на заедницата, и со новите можности за стипендирање и финансиско ослободување, привлечноста за овие студии добива дополнителна вредност.  

(Комерцијална објава)