Средношколците на лаптопи ќе полагаат пробно ПИСА-тестирање

Средношколците на лаптопи ќе полагаат пробно ПИСА-тестирање

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ние можеме да си кажуваме дека сме најдобри, но релевантните тестирања ни кажуваат каде сме во споредба со другите држави. Ова ќе ни покаже што треба да менуваме во средното образование, вели директорката Елизабета Наумовска

Државниот испитен центар (ДИЦ) почнува со реализација на пробно тестирање кое денеска првпат ќе се одвива на компјутер - ПИСА и ќе се одржи во АСУЦ „Боро Петрушевски“. Во пробното тестирање ќе учествуваат околу 900 деца од државата, избрани по случаен избор, кои се родени во 2005 година, а ќе се тестираат по две училишта на ден.


- ПИСА-тестирањето е наменето за ученици од прва година средно, на 14 и 15-годишна возраст. Се тестираат нивните знаења од математика, природни науки и читање со разбирање, односно сите оние основни вештини кои се очекува да ги имаат. Ние набавивме лаптопи бидејќи ни побараа тие да се со посебни перформанси и да се поквалитетни. Дваесет лаптопи набави ДИЦ, тече набавка за уште 12, а 70 лаптопи купи МОН преку проектната единица на Светска банка – информира Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.

Со пробното ПИСА-тестирање ќе бидат опфатени ученици од 13 училишта во кои се учи на македонски и на албански наставен јазик. Полагањето ќе се одвива во периодот од 15 до 25 септември. Ова тестирање е дел од програмата за меѓународно оценување ученици во организација на ОЕЦД.


Елизабета Наумовска

- Главното ПИСА-тестирање ќе се случи во април, односно мај оваа учебна година, кога целосно ќе бидат опфатени сите средни училишта, со ученици избрани по случаен избор. Кај нас тестирањето првпат ќе се реализира електронски, прашалникот ќе го решаваат децата на компјутер. Ќе трае околу три часа. Има комплетен протокол кој ќе се почитува. На меѓународните тестирања во светот воопшто се одговара електронски. Ние сега тестираме како изгледаат процедурите. Од балканските држави, на меѓународни тестирања единствено Хрватска и Словенија учествувале со полагање на компјутер, а сега им се придружува Македонија. И ние одиме кон дигитализација, се приклучуваме и го тестираме системот – додава Наумовска.

Прашањата ќе бараат логичко и критичко размислување. Сите прашања се стандардизирани за цел свет и се преведуваат на мајчините јазици.

- Ние како држава мора да видиме какви се знаењата на нашите ученици во светски рамки. Ние можеме да си кажуваме дека сме најдобри, но вакви релевантни тестирања ни кажуваат каде сме во споредба со другите држави. Ова ќе ни каже што треба да менуваме во средното образование – додава директорката.
Во последниот ПИСА-извештај објавен лани стои дека македонските средношколци, во сите три области, статистички значајно заостануваат од просекот на земјите на ОЕЦД.
- Потребно е да се воспостави национална стратегија која би се однесувала на зголемување на читачките, математичките и научните компетенции на учениците. Во оваа стратегија, врз база на меѓународни и национални мерења, да се постават таргети, односно конкретни мерливи и остварливи цели со кои би се вреднувала имплементацијата на стратегијата. Треба да се намали разликата помеѓу постигнувањата на учениците од средното стручно и од гимназиското образование - стои во извештајот.

Што е ПИСА?

ПИСА е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години, главно во три подрачја. Првото подрачје е оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали. Второто подрачје е математичка писменост, односно читање, интерпретирање и решавање даден проблем со организирање и толкување дадени информации и избирање метод за решавање. И третото подрачје е писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази.