Публиката ќе ја произведува струјата додека трае концертот на „Колдплеј“

Публиката ќе ја произведува струјата додека трае концертот на „Колдплеј“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Следната турнеја на групата „Колдплеј“ ќе се напојува со електрична енергија самостојно - дел ќе ја произведуваат обожавателите додека скокаат, а други со велосипеди, кои ќе бидат поставени во близина на местото на одржување на концертот.

Пред две години членовите на бендот одлучија да не одат на турнеја додека не смислат поодржлив начин за тоа, и ова е дел од планот од 12 точки за намалување на емисиите на јаглероден диоксид.

Во интервју за Би-би-си, пејачот Крис Мартин зборуваше за плановите за поставување „кинетички подиум“ за танцување кој треба да служи за производство на електрична енергија.

- Како што се движи публиката, така ќе добиваме електрична енергија. А имаме и велосипеди што ќе помогнат во тоа. Колку повеќе луѓе се движат, толку повеќе електрична енергија ќе се произведува. Затоа, кога ќе ѝ речам на публиката: „Скокајте горе-долу“, навистина ќе го мислам тоа бидејќи светлата ќе се изгаснат ако публиката не скока - вели Крис Мартин.

Исто така, „Колдплеј“ планира да засади дрво за секој продаден билет. На последната светска турнеја за 2016/17 година 5,4 милиони луѓе присуствуваа на неговите концерти. Тоа беше една од најголемите турнеи на сите времиња, а групата заработи над половина милијарда долари.

Крис Мартин вели дека е свесен дека ќе има критики поради одредени одлуки на бендот, на пример, тоа што ќе летаат со приватен авион.

- Тоа не ми пречи. Го правиме тоа и не сме совршени, а критики секогаш ќе има - вели Крис Мартин и признава дека луѓето што ги критикуваат за летањето се во право.

koldplej
Фото: Screenshot/YouTube

- Немаме контрааргумент - вели тој.

Мартин признава дека се поставува и прашањето зошто воопшто одат на турнеја.

- Немам одговор на ова прашање, освен дека сакаме турнеи. Можеме да останеме дома и можеби е подобро да останеме, но сакаме да се поврземе со луѓето, па затоа се обидуваме да го направиме тоа на најзелен можен начин - вели Мартин.

Во четвртокот „Колдплеј“ ја објави светската турнеја што ќе почне во март следната година во Костарика, земја што важи за најголем производител на обновлива енергија во светот.

Пејачот признава дека не успеале да најдат начин да го намалат влијанието врз животната средина во сите сегменти на турнејата.

- Не успеавме да го решиме прашањето како да ги доведеме луѓето на концерт без емисија на јаглероден диоксид. Тоа е многу тешко. Тука е и летањето со авион. Имаме долг пат, но барем електричната енергија за концертите ќе доаѓа од обновливи извори, што е феноменално - вели тој.

Извор: BBC
Фото: Wikipedia