Руски научници развија уред кој отстранува 99 проценти од прашината во воздухот

Руски научници развија уред кој отстранува 99 проценти од прашината во воздухот

Научниците од Волгоградскиот државен технички универзитет (ВолгГТУ) и Тјуменскиот индустриски универзитет во Русија развија енергетски ефикасен систем за прочистување на воздухот кој, според резултатите од повеќегодишните испитувања, отстранува околу 99 проценти од ситната и крупната прашина.

Како што наведуваат истражувачите, новиот уред троши помалку електрична енергија и произведува помалку бучава во споредба со повеќето комерцијални системи за прочистување на воздухот, пренесува „РИА Новости“.

Околу две третини од честичките прашина во воздухот имаат пречник помеѓу 2,5 и 5 микрометри. За нивно отстранување од воздухот, современите клима-уреди често користат големи брзини на струење и вртење на воздухот, што може да биде една од причините за бучавата.

Новата технологија користи принцип сличен на природниот вител. Надворешниот воздух минува низ насочувач со перки наклонети под агол од 35 степени, по што влегува во конус со решеткести отвори. Потешките честички прашина се насочуваат кон ѕидовите и завршуваат во собирниот дел на уредот.

Прочистениот воздух потоа минува низ филтри на база на зеолит и шунгит и низ дифузори влегува во просторијата, при што повторно се врти.

Истражувачите наведуваат дека системот не бара скапо одржување, туку само периодично отстранување на собраната прашина со помош на домашна правосмукалка.

Еден од авторите на истражувањето, професор Валериј Азаров, наведе дека проблемот со прочистувањето на воздухот од ситна прашина е посебно изразен на пониските катови од зградите, каде што е поголемо загадувањето со честички што доаѓаат од фасадите.

Истражувачите планираат во иднина да ја приспособат конструкцијата за нови типови клима-уреди наменети за различни климатски услови и за отстранување други загадувачи, вклучувајќи ги испарливите органски соединенија.

Извор: euronews
Фото: magnific