Средношколци совладуваат предмети на универзитетско ниво во меѓународното училиште „Нова“

Средношколци совладуваат предмети на универзитетско ниво во меѓународното училиште „Нова“

Постои програма која ги подготвува средношколците за на факултет, им обезбедува дополнителни кредити за упис на еминентни светски универзитети, преку напредни предавања кои покриваат повеќе материјал отколку редовната настава и го насочуваат ученикот кон независна работа, истражување и анализа. Сето ова се само дел од придобивките од АП-програмата (Advanced Placement Program) која меѓународното училиште „Нова“ им ја нуди на своите средношколци.

Станува збор за програма создадена од Управниот одбор на колеџот (College Board), која нуди изборни наставни програми и испити за средношколци на универзитетско ниво. Наставната програма на АП за секој предмет е креирана од различни експерти и едукатори на универзитетско ниво од конкретното поле на студии. Во моментов АП-програмата нуди 38 предмети и испити од 24 области, од кои 20 предмети им се достапни на средношколците од „Нова“. Некои предмети се нудат само во повисоките класови, односно во трета и во четврта година, додека други се достапни уште во втора година. На крајот на академската година се спроведува главниот АП-испит, а резултатите се верификуваат на меѓународно ниво од страна на Управниот одбор на колеџот.

- Оваа програма ги подготвува средношколците за факултет бидејќи АП-часовите се исто толку обемни и интензивни како почетните предмети на факултет. Програмата го олеснува процесот на прием на универзитетите со оглед на тоа дека напредните предавања претставуваат своевидна потврда на одговoрните за прием на факултет, односно дека кандидатот е подготвен за работа на универзитетско ниво - објаснува Марина Перуновска, координатор на АП-програмата во „Нова“.



Меѓународното училиште „Нова“ е едно од двете средни училишта во Македонија што ја нудат АП-програмата, но и едно од ретките во Европа и светот што истовремено ја нудиат АП-програмата заедно со програмата за Меѓународна матура, имајќи предвид дека повеќето училишта ја избираат само едната од двете програми поради многубројните сериозни услови што треба да ги исполни училиштето за да се квалификува за таква интензивна програма.

Оваа програма нуди и дополнителна можност средношколците да се стекнат со сеопфатна диплома со назив Capstone, како и да се здобијат со меѓународна АП-диплома (APID), која претставува светски признат сертификат кој им се доделува на учениците што прикажале исклучителни постигнувања во различни дисциплини и го потврдува нивниот академски успех во светски рамки. Оваа диплома е достапна за ученици кои посетуваат средни училишта надвор од САД и за американските средношколци кои аплицираат на универзитетите надвор од земјата.

Ина Кроневска е ученичка во четврта година во меѓународното училиште „Нова“ и во моментов изучува три АП-предмети, односно калкулус, физика и хемија. Во претходните години, како дел од оваа програма, Ина учела и психологија, компаративна политика, англиски јазик, англиска литература, биологија и статистика.

- Според моето искуство, АП-испитите се навистина тешки со оглед на тоа дека се бара и критичко размислување, а времето што го имаме на испитите е навистина кратко. Но, истовремено тоа се и некои од најголемите придобивки поради тоа што те учат како да работиш под притисок и да толкуваш податоци или аргументи - вештини применливи и во секојдневниот живот. Овие испити се дизајнирани на тој начин што се еквивалентни на универзитетски испит, поради што многу колеџи нудат можност да скокнеш одредени предмети затоа што веќе ги имаш изучено и си бил тестиран на таа содржина - вели Кроневска.



АП-предметите во „Нова“ во моментов ги следат над 90 ученици од втора, трета и четврта година, за кои во мај 2019 меѓународното училиште „Нова“ ќе спроведе 173 АП-испити.