„Светот на Биби“ го отвори Brave New Media Forum во Белград

„Светот на Биби“ го отвори Brave New Media Forum во Белград

Проектот „Светот на Биби“ ја имаше честа да го отвори Brave New Media Forum 2019, кој денеска и утре се одржува во Белград. По покана на „Дојче веле академија“, која е организатор на настанот, српската и публиката од регионот дознаа повеќе за нашиот проект. Ексклузивно беше прикажан тизер од првата епизода што ќе ја емитуваме на српски јазик „Биби и џиновите“, која на 1 декември во 19 часот ќе биде прикажана на јутјуб-каналот „Бибин свет“.



За проектот зборуваше Марјан Алексовски, еден од продуцентите на „Светот на Биби“. Тој ги најави и првите чекори на тимот за пробивање на српскиот пазар.

- Кога почнавме, се сеќавам лани кога бевме тука на истиот настан, дека за еден месец имавме 60.000 прегледи, а сега веќе имаме 8 милиони. 96 отсто од тие прегледи се во Македонија, што значи дека Биби ја прифатија и децата и родителите. Тој феномен ни дава мотивација да ја развиваме оваа анимација. Веќе имаме и Едукативен центар, образовен програма, која сега е пилот-проект и децата учат заедно со ликовите од овие анимации - вели Алексовски.



Целта на Brave New Media Forum 2019 е да спојува медиумски стручњаци, активисти и претставници на цивилното општество со младите.
- Претставуваме инспиративни примери на најдобрите практики од традиционалните и „младите медиуми“ од Западен Балкан, како и другите земји од Западна и Источна Европа - стои во објаснувањето на настанот.