Тим составен од бегалци од Сирија победи на светски натпревар за роботика

Тим составен од бегалци од Сирија победи на светски натпревар за роботика

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Тим составен од пет сириски бегалци победи на најголемиот светски натпревар за роботика во Дубаи со изградбата на робот за чистење на океаните.

Тимот „Хоуп“ го сочинуваат: Махер Ел Асави, Амар Кабур, Салам Ал Фарек, Јусеф Шабан и Амина Кабур, надгледуван од Јемен Алнаџар.

Натпреварот се одржа во Дубаи со 1.500 студенти од 191 земја. Ова е првпат овој настан да се случи надвор од Америка. Тимот со ученици учествуваше на пријателски натпревар помеѓу роботите. Нивната задача беше да изградат конкурентен робот што би можел да помогне во чистењето на отпадот од океаните.

- Визиите, целите и аспирациите на младите луѓе од различни земји во светот кои се натпреваруваа за да најдат решенија за глобалните предизвици даваат надеж за подобра иднина, предводена од млади луѓе кои се решени да ги подобрат животните стандарди - изјави Мохамед Ал Гергави, претседател на Извршната канцеларија на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактоум.

Тимот од сириски бегалци претстави два роботи на натпреварот наречени „Робоџи“. Еден робот ги едуцира луѓето за борбите на бегалците, а другиот може да ги чисти океаните.