Какво влијание има добрата книга врз нашиот мозок?

Какво влијание има добрата книга врз нашиот мозок?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Книгите можат да ве направат попаметни, поинформирани, дури и интелектуално посмирени. Но, една од најмоќните придобивки од редовното читање е поголемата емпатија. Преку зборовите вие ќе се транспортирате во нечија перспектива. Ќе гледате низ неговите очи. Ќе ги разберете неговата болка и радост.

Тоа може да ја олесни осаменоста и може да го направи животот попријатен. Исто така, може да помогне и во бизнисот. Разбирањето на клиентите и соработниците ви помага подобро да ги извршите работите и да бидете покреативни.

Но, како точно книгите го постигнуваат овој магичен трик?

Професорката Мариен Вулф од Универзитетот „Тафтс“ и експерт за читање ја објасни фасцинантната невронаука за тоа што му прави добрата книга на вашиот мозок.

kniga
Фото: Getty Images


Додека читате книга, почнувате да чувствувате емпатија кон ликовите. Целосно се внесувате во една приказна и во нејзините ликови. Со тоа, вие преземате нечија перспектива, се ставате на местото на другите и тоа ви помага да ги разберете честопати контрадикторните чувства што секој од нас ги има. На тој начин не чувствувате осаменост поради сложената мешавина на емоции.

Секој што чита сигурно некогаш, додека читал книга и пронашол сличности со ликот, си рекол: „Не сум единствениот чудак“.

Додека читаме одлична книга, не се занимаваат со обработка на јазикот само одредени делови од мозокот. Всушност, кога сме длабоко навлезени во приказната, нашиот мозок ги одразува активностите и чувствата на ликовите. Значи, ако некој во романот плива, ќе се вклучат истите делови од вашиот мозок што би се вклучиле ако навистина пливате.

- Истражувањата покажуваат дека кога читаме внимателно, ги активираме регионите на мозокот што се усогласени со она што ликовите го чувствуваат и го прават - вели Вулф.

Или, со други зборови, кога ќе читате за тоа како Ана Каренина скока на железничките пруги, делови од мозокот што се вклучени во контролата на моториката буквално скокаат со неа. Кога читате за свилен фустан или лисја што шушкаат, се активираат делови од мозокот што се поврзани со сетилната перцепција. На основно ниво на мозокот ние навистина го доживуваме истото што го прават ликовите. Не ја разбираме само книгата, туку на невролошко ниво ние ја живееме.

- Кога читаме, мозокот активно ја симулира свеста на другото лице, вклучувајќи ги и оние за кои никогаш не би можеле ни да замислиме дека ги знаеме. Тоа ни овозможува да се обидеме да видиме што навистина значи да се биде друга личност - вели Вулф.

Треба да се има предвид дека ова важи само за старомодното читање - оној вид читање со кое целосно се губите и задлабочувате во книгата. Ако само разгледувате низ информациите, вашиот мозок не се активира исто. Со ваквото читање учите факти, но не стекнувате емпатија.