Ученици во Македонија завршуваат и на кардиологија поради стрес од полагањата

Ученици во Македонија завршуваат и на кардиологија поради стрес од полагањата

Подготвил: Д.Ф

Кога притисокот се чини појак од вообичаено, многу важно за децата е да имаат време да се опуштат и да се смират, да имаат слободно време за своите другари, како и за активности кои ги развеселуваат и во кои имаат чувство на задоволство, остварување и достоинство, велат психолозите


 Страв, несоница, главоболки, намален апетит, па се до посериозни здравствени проблеми поради кои мора да се посети лекар, се дел од нарушувањата кои периодов се појавуваат кај децата кои треба да полагаат екстерни тестови. Особено под стрес се четвороодделенците кои првпат се соочуваат со сериозно тестирање на нивните знаења. Родителите се загрижени за здравјето на своите деца, но голем дел напоменуваат дека и самите не знаат како да се постават во целата ситуација. Од една страна треба да ги мотивираат децата да покажат што е можно подобри резултати на тестирањата, а од друга да внимаваат сето тоа да не им предизвика уште поголем притисок и нарушување на здравјето. Милка е мајка на деветгодишната Јована и на осмоодделенката Марија. Јована годинава првпат ќе биде оценувана екстерно, а почнала да покажува голем страв и нервоза уште од почетокот на учебната година.

- Често поставува прашања од типот: Дали јас ќе положам, дали ќе се запишам во петто одделение? Се работи за трудољубиво дете кое редовно учи, пишува домашни, одговорно е и покажува одлични резултати. Но не знам дали и тестот би го поминала со висока оценка и покрај нејзините добри познавања на предметната настава, од причина што покажува голема растервоженост за екстерното – вели Милка. Таа објаснува дека и постарата ќерка ги покажува истите симптоми како и помладата. Дополнителен стрес и предизвикува минатогодишното искуство кога на екстерното добила прашања за кои одговорите ги немало во нејзиниот учебник кој е прифатен од општината и нејзиното школо. Одговорот го нашла на интернет, во учебник по кој учат нејзините врсници од друга општина. - И сега е неверојатно исплашена дека тоа може да се повтори. Кога веќе постои екстерно, потребно е да има исти учебници за сите ученици – вели Милка.

Таа додава дека се обидува да им олесни на децата со тоа што им помага во подготовката на предметниот материјал, но истовремено разговара со нив и им објаснува на полагањето да гледаат како на обичен тест. И други родители на четвороодделенци се во слична ситуација. Стравот и нервозата се помалку или повеќе изразени кај повеќето деца, а сите родители на свој начин се обидуваат да се справат со тоа.

- Мојот син веќе покажува голема нервоза пред полагањата и негативни промени во однесувањето. Затоа со различни активности се обидувам да му го одвлечам вниманието од тоа. Со спорт, разговори надвор од оваа тема, прошетки во природа, работи што го исполнуваат и релаксираат како на пример авиончиња, разчни изработки – вели Ана, мајка на деветгодишниот Петар. Валерија, мајка на осмооделенка во основно училиште во скопската општина Аеродром секоја година пред тестирањата преживува шокови. Нејзината ќерка секоја година пред тестирањата завршува во болница од преголем стрес.

- Ќерка ми е одлична ученичка, многу амбициозна и затоа е под огромен стрес пред секој тест и полагање. Џабе и зборуваме постојано дека тестовите и полагањата воопшто не се важни, дека што и да направи нема да влијае врз нејзиното знаење, дека нас не ни се важни оценките. Едноставно, таква е и сака да постигне најдобри резултати. Првата година кога требаше да полага, неколку дена пред тестовите се онесвести на час. Се преплашивме. Веднаш ја однесовме на лекар, имаше многу висок притисок за дете и тахикардија. По сите прегледи лекарите востановија дека сето тоа е резултат на стресот. Следната година се повтори истото и тоа веќе стана редовно. Уште од сега сум преплашена што ќе се случува за уписите во средно училиште – вели Валерија. Психолозите објаснуваат дека стресот е секојдневна појава која сите возрасни ја искусуваат. Но, помалку внимание е посветено на фактот дека и децата не се имуни на стресот, особено на крајот на учебната година кој го доживуваат како оптоварување и притисок, па манифестираат вознемиреност и загриженост. Психологот Марија Котевска - Димовска објаснува дека децата различно реагираат на стресот, во зависност од нивната возраст, личноста и вештини за справување со него. Сепак, без разлика на нивната возраст,тие се грижат за испитувањата, тестовите, добиените оцени, реакцијата на родителите и може да чувствуваат многу поинтензивни непријатни сосотојби отколку во текот на целата година.

- Кога станува збор за вознемиреноста, помладите деца веројатно нема да бидат во можност да ги сфатат и објаснат своите чувства, а тоа ги прави повеќе ранливи. Премногу стрес е нездраво, зашто децата немаат доволно психички и физички капацитети да се справат со наталожените притисоци. Изложеност на прекумерен стрес, притисок и учење без одмор, може да доведе до неефективност и неуспех, како и вознемиреност, нервоза и страв, кое може да кулминира со нарушување на психо-физичкото здравје – објаснува Котевска - Димовска.

Според неа, кога стресните фактори се интензивни и долготрајни, може да предизвикаат и физички симптоми како главоболка или болка во грбот или мускулите, несоница, губење апетит, па дури и да го ослабат имунолошкиот систем. Таа ги советува родителите и наставниците да имаат разбирање за овој стресен период во животите на децата.

- Секој родител најдобро си го познава своето дете и може да му помогне, да го насочи кон она што го опушта и му помага во тешки и стресни ситуации, како и во откривање на нови механизми и начини на справување со кризни периоди во животот. Родителите треба да им бидат на располагање за разговор и потпора, да ги поддржуваат и да ги охрабруваат, да бидат позитивни и да им помогнат во размислувањето и планирањето, организацијата на обврските и наоѓање на оптимално решение. Кога детето бара помош, важно е да не се планира за него, туку со него и да се обезбеди поддршка во поставување реални цели и очекувања. Нереални цели и големи очекувања ја јакнат состојба на стрес кај децата – објаснува Котевска - Димовска. Таа потенцира дека многу важно за децата, особено кога притисокот се чини појак од вообичаено, е да имаат време да се опуштат и да се смират, да имаат слободно време за своите другари како и за активности кои ги развеселуваат и во кои имаат чувство на задоволство, остварување и достоинство. Дополнително, нагласува таа, на децата им е важно околината да ги гледа и како деца, а не само како ученици.