Интервју, Снежана Зечевиќ, Голем Приор на Македонија: Чесност, доблест, скромност и по 900 години се главни одлики на модерните витези темплари
Редот на витезите темплари опстојува веќе 900 години и од тогаш па се до денес постулатите врз кои се заснова Редот се пред се космополитизмот, помагањето на немоќните, широкоградост и добрина.
Македонија е прва земја на Балканот која има чест деновиве да
удоми повеќе од 150 витези-темплари од цел свет. Во Охрид се одржува Големиот годишен интернационалрн собор на витези темплари, а го органзира Големиот Приорат на Македонија на витезите темплари на Ерусалим (O.S.M.T.H.). Која е оваа организација и кои се нејзините цели и активности ни објаснува с. Снежана Зечевиќ, Голем Приор на Македонија, Легат Магистрале на Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Чешка, Словачка и Украина.
Факултети.мк: Охрид викендов е домаќин на Големиот годишен интернационалниот собор на витези темплари. Кажете ни нешто за оваа организација. Кога е формирана, каде, кој се членува во неа?
- O.S.M.T.H. е древна организација која влече корени од првите витези темплари. Во Македонија пак, назначувањето на Првиот Витез е направено пред 11 години, а во Големиот Приорат на Македонија „Св. Климент Охридски“ членуваат луѓе од најразлични профили, кои се покажани и докажани во своите области на работа и дејствување и се почитувани во својата средина.
Факултети.мк: Што се е предвидено да се случува на соборот? Дали се донесуваат некакви одлуки и дали тие се однесуваат исклучиво на внатрешниот состав на организацијата или на нивните надворешни активности?
- На дводневниот Собор ќе има древни ритуали во убава форма, кои се изведуваат веќе 900 години по ред и истите се прават со конкретна цел за воздигнување на нашите членови во одредени нивоа. На нив се доделуваат почесни титули и ордени во зависност од достигнувањата во редот. Значаен ќе биде и состанокот на Големите Приори присутни во Охрид, а одлуките донесени на истиот влијаат и на надворешните и на внатрешните активности на организацијата, која на светско ниво е беспрекорно синхронизирана и координирана.
Факултети.мк: Со што се занимава и како дејствува организацијата? Кои се нејзините главни цели?
- Главна цел пред се е хуманитарната работа и помош. Исто така активно работиме на презентација на Македонија надвор од нејзините граници, зачувување на археолошките артефакти, традицијата, како и спојување и трасирање на врските со сите земји од светот кои во било каква форма можат да и помогнат на Македонија и македонските граѓани.
Факултети.мк: Поимот витез-темплар автоматски асоцира на некој кој сака некому да помогне, некој што прави добри дела во името на Бога. Што прават модерните витези-темплари во 21 век?
- Како што рековме, Редот на витезите темплари опстојува веќе 900 години и од тогаш па се до денес постулатите врз кои се заснова Редот се пред се космополитизмот, помагањето на немоќните, широкоградост и добрина. Во тој поглед ништо не е сменето, и нема да се смени, зашто тоа е основата на витештвото, да Ве цитирам, да се помага во име на Бога.
Факултети.мк: Секогаш овие организиации се превиени со мистериозност и токму поради тоа уште повеќе ја предизвикуваат љубопитноста на јавноста. Зошто се состаноците секогаш тајни?
- Како и во секоја организација, така и кај витезите темплари одредени одлуки и решенија се држат во тајност, пред се заради динамиката во работата на Редот и неговито развој. Согласно на тоа, сите одлуки кои се од јавен карактер, се објавуваат во јавноста по нивното донесување, а внатрешните одлуки остануваат дел од внатрешните кругови на Редот.
Факултети.мк: Како се напредува во витешките редови? Кои карактеристиги треба да ги има еден витез-темплар за да стане еден од Големите Приори?
- Пред се да нагласиме дека за да се стане витез на Редот мора да бидете поканети од самиот Ред и затоа претставува огромна чест за секој темплар кој е дел од Приоратот. Секое одликување е заслужено со многу труд, работа, лојалност и визионерство. Не секој успева да издржи до крај. Пак ќе повторам, чест е да се биде витез, а во денешно време нашиот штит е чесност, доблест, скромност и интегритет во општеството.