Норвешки градинки: Места каде воспитувачите ги охрабруваат децата да се качуваат на дрва

Норвешки градинки: Места каде воспитувачите ги охрабруваат децата да се качуваат на дрва

Подготвил: Д.Ф.


 
Поради долгото породилно отсуство кое трае од 39 до 49 недели, како и дополнителни 10 недели за таткото, многу ретко децата во Норвешка почнуваат во градинка пред да наполнат една година, раскажува скопјанката Славица Савеска-Кењереш, која со семејството 4 години живее во Осло.

Градинка во која електронските уреди речиси не се ни употребуваат, каде децата си играат со дрвени штици на кои коваат шајки и во кои воспитувачите ги тераат да се качуваат на дрва. Токму овие работи, кои за македонските родители се незамисливи и „надвор од здрав разум“, се секојдневие во градинките во Норвешка.

Скандинавските градинки, за македонски сфаќања, имаат многу невообичаен систем и начин на работа со децата. Во разговор со Македонци кои живеат во Норвешка се обидовме да дознаеме кои се позитивни, а кои негативни страни во норвешкиот начин на воспитување на децата во градинките.

Најраната возраст на која детенце во Норвешка може да тргне во градинка е 6 месеци. Сепак, поради долгото породилно отсуство на мајката кое трае од 39 до 49 недели недели, како и дополнителни 10 недели наменети за таткото, многу ретко децата почнуваат во градинка пред да наполнат една година. Во секоја општина во Норвешка роковите за упис се различни. На пример, на подрачјето на Осло уписите завршуваат заклучно со 1 март, а почеток на годината е на 1 август. При уписите, родителите имаат можност да наведат 5 градинки во шемата за аплицирање и да ги подредат по важност при што на прво место се наведува најпосакуваната градинка.

- Секако тоа не значи дека ќе се добие било која од тие градинки, па дури и дека воопшто ќе се добие место во градинка во посакуваниот период. Дечињата со хендикеп, дечиња со братче/сестра на претшколска возраст, како и дечиња на самохрани родители имаат предност пред останатите апликанти. Доколку општината не може да обезбеди место во една од посакувните 5 градинки, нуди место во некоја друга градинка – раскажува скопјанката Славица Савеска-Кењереш, која со семејството 4 години живее во Осло.

Нејзината 1,5 годишна ќерка веќе посетува една од тамошните градинки. Нивното работно време најчесто е од 7:30 до 16:30, а во одредени градинки до 17 часот. Без разлика дали градинката е државна или приватна, родителите за неа месечно плаќаат околу 300 евра, при што семејствата со ниски примања плаќаат пониска, привилегирана цена, а добиваат и 50 отсто попуст за второ дете.

Славица објаснува дека внатрешноста на градинките генерално е уредна и шарена, но Норвежаните не ставаат преголем акцент на тоа.

- Децата се учат да бидат надвор и да го ценат секој момент поминат во дворот на градинката или пак на прошетка. Дворовите на градинките се ретко привлечни за око, но се исполнети се многубројни реквизити кои поттикнуваат развој на детската моторика – вели Славица.

Според државниот просек, за секои шест деца во градинка се грижи по еден вработен. Најчесто, во малите групи до тригодишна возраст има најмногу по 5 деца на една воспитувачка.

Во градинките децата многу ретко добиваат топол оброк, што според Славица е тешко за верување имајќи предвид колку Норвежаните се залагаат за здрава храна и здрав начин на живот. Така, децата во Норвешка најчесто појадуваат дома, а првиот оброк во градинка им е пред спиење кога јадат од пакетчето храна што родителите им го подготвиле од дома. После спиење јадат лепче со намаз подготвено од воспитувачките. Во текот на денот имаат и паузи со овошје и млеко.

- Чоколадото и благите десерти се непосакувана храна, а во голем дел од градинките и се забранети. Родендените се прославуваат со импровизирана торта од наредени парчиња овошје или зеленчук во сос од јогурт – вели Славица.

Она што е најразлично од македонските градинки е долготрајниот престој на децата надвор во текот на денот. За таа цел, родителите пред почетокот на годината добиваат листа со потребната облека која најчесто се к3ористи само за во градинка. Во зима се носат скафандер, волнени хулахопки, блузи,шалче и капа, крем за студено и крзнени обувки.

За есен на листата има скафандер за дожд и гумени чизми, додека за пролет и лето полесна облека и задолжителнит крем за сончање и лесна летна капа.

Славица објаснува дека дури и во зима децата во Норвешка поминуваат огромен дел од денот на отворено, а во групите над 3 години, каде децата не преспиваат во градинка, влегувањето во објектот е ограничено за посета на тоалетот и за оброк. Децата до 3 години кои преспиваат во градинка по правило спијат во колички во дворот без разлика на временските прилики. Сепак, ограничувањето е до минус 10 степени, па доколку температурите паднат под овој минус, дечињата спијат внатре во градинката. Количките се опремени со дебели волнени вреќи за спиење каде температурата во внатрешноста на вреќата достигнува и над 20 степени во моменти кога надворешната температура е во минус.

Кога станува збор за користење на модерни, електронски уреди во образовниот процес, Славица вели дека електронските уреди речиси и да не се употребуваат во градинката. Дури и родителите се предупредуваат да не ги користат мобилните телефони додека се во границите на градинката. Славица вели дека норвешките градинки нудат многу позитивни работи, но имаат и маани.

- Изборот на храна во градинките ми пречи најмногу од сè. Мислам дека е неопходно децата да добиваат повеќе од еден топол оброк во текот на денот, бидејќи во сегашните услови единствен таков во текот на денот им е вечерата со родителите. Од друга страна на позитивните впечатоци, најдоборото во норвешките градинки е што децата се поттикнуваат да бидат самостојни и независни. Една од првите работи кои ги изговараат воспитувачите и на која се учат децата е „Ти можеш сам“ – вели таа.

Всушност, децата таму поминуваат голем дел од времето надвор и ја истражуваат сами околината. Паѓаат и сами стануваат, играат со голем број „опасни“ играчки за македонски стандарди, како на пример со штици со дрвени шајки и чекан.

- Децата се охрабруваат да се качуваат на дрво, да се лизгаат од високите лизгалки и многу да трчаат. Тука сум 4 години и досега не сум слушнала родител да викне по своето дете „Не трчај, ќе се испотиш“. Тука е токму спротивното, се вика „Ајде да видам колку брзо можеш да трчаш“. Сепак по таков интензивен ден, не е ни чудно што децата се во кревет до 19 часот – завршува Славица.