Крилестиот Дедал, пајонските бронзи од Плаошник, првпат во постојаната поставка на охридскиот музеј
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во поставката се изложени најрепрезентативните наоди од последните истражувања на Самуиловата тврдина и Плаошник
Повеќе од 700 антиквитети првпат се изложени пред јавноста во новата археолошка поставка што минатиот месец беше отворена во Музејот „Куќа на Робевци“ во Охрид. Бронзената скулптура на крилестиот Дедал, накитот од културата Комани-Круе кај Св. Еразмо, пајонските бронзи кои ги „изненадија“ археолозите што го истражуваа Плаошник... Ова се само дел од антиквитетите што излегоа од почвата во Охридско за време на археолошките истражувања во последните речиси две децении. Со археолошката беше отворена и обновената етнолошка поставка во Музејот.
Реконструкција на гробот 132 од Горна порта, изложен во „Златната соба“ во Музејот / Фото: Завод и Музеј од Охрид
Елеонора Новаковска, в.д. директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, објаснува дека новата археолошката поставка е претставена во 59 витрини, во кои се изложени 763 предмети. Од нив 703 првпат се претставуваат пред јавноста. Застапени се предмети што припаѓаат на различни периоди, почнувајќи од праисторијата сè до средниот век.
Во поставката се изложени најрепрезентативните наоди од последните истражувања на Самуиловата тврдина и Плаошник. Калапени чаши, пекторални крстови, бронзена статуета на Херакле, шлемови, копја и кнемиди од Горна порта, луксузни керамички садови од хеленистички и римски период, медицински алатки и друго. Првпат е претставен и дел од накитот од Св. Еразмо, кој припаѓа на културата Комани-Круе. Во една од витрините се претставени гробните наоди од железнодопскиот гроб од Плаошник, со пајонски бронзи, како и бронзената статуета на Дедал. Нумизматичката колекција ги опфаќа сите периоди.
Вработените во музејот / Фото: Завод и Музеј од Охрид
- Ексклузивните наоди од гробот 132 од локалитетот кај Горна порта (златната маска и други артефакти) ќе бидат дел од меѓународната изложба „100 години Требеништа“ и во моментов се наоѓаат во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Во „Златната соба“ во „Робевци“ се изложени повеќе 400 златни, позлатени и други археолошки предмети од различни периоди, откриени на локалитетите на територијата на Охрид и Охридско - вели Новаковска.
Спомен-катот на семејството Робевци е дел од етнолошката поставка на Музејот. Тука се претставени предмети подарени или откупени од семејството, стилски мебел, покуќнина, уметнички слики, лични предмети и стари семејни фотографии.
Набавени се соодветни витрини во кои се изложени предмети преку кои е презентирана градската култура во 19 век, облека во стилот ала турка и ала франга, филигрански накит и рачни изработки. Витрините се поставени во автентичен амбиент - стилски мебел во резба. Во една просторија од Музејот е презентирана селска соба од истиот период.
Дел од етнолошката поставка / Фото: Завод и Музеј од Охрид
- Можете да ги доживеете и топлината и интимноста на селската одаја. Тука е софрата со малечките триножни столчиња околу која се собирало семејството, софрата на која замирисувал свежо испечениот леб, тропкал рачно изработениот прибор за јадење. Замислете си ги звуците на разбојот и погледнете ги прекрасните ткаенини што вештите раце ги изработувале со помош на оваа толку едноставна направа – вели Новаковска.
Во витрини се изложени народни носии, везови и други рачни изработки, а надополнета е со покуќнински предмети и алатки за изработка на текстил. Тука е и репрезентативната одаја каде што се изложени највредните експонати од познатата охридска резбарска школа: кабинет, таваница, луксузен мебел и поединечни експонати изработени во различни резбарски техники.
- Сите предмети изложени во етнолошката поставка се конзервирани, во добра состојба и соодветно заштитени. За нив се грижат конзерваторите за дрво, метал и текстил - вели Новаковска.
Божицата Изида изработена од алабастер, еден од ексклузивните експонати во Музејот / Фото: Завод и Музеј од Охрид
На прашањето каков е интересот на туристите за „Куќата на Робевци“, таа вели дека интерес има, особено од големите тур-оператори. Музејот беше во фаза на реновирање и затворен за посетители.
- За да им излеземе во пресрет на туристите, во јули беше отворена јужната половина од „Куќата на Робевци“. Во меѓувреме се работеше на доопремување на поставките во северната половина од објектот . На 8 декември, кога го чествуваме патронот на Охрид, св. Климент Охридски, свечено го отворивме Музејот со сите свои содржини и поставки - вели Новаковска.
Посетеноста на Музејот во август и во септември била рекордна, во споредба со истите месеци во изминатите години. Според статистиката, во последните осум години Музејот имал вкупно 37.576 посетители.
- Верувам дека новите поставки ќе придонесат бројот на посетители да расте, особено во летната туристичка сезона, кога тие се најмногубројни - вели Новаковска.