Што бара Кина на темната страна на Месечината?

Што бара Кина на темната страна на Месечината?

Кинеската мисија „Чанг Е-4“ ја испитува темната страна на Месечината. Што би можела оваа кинеска вселенска мисија да открие на Месечината? Еве неколку работи за кои е проектирана:

Нови сознанија за историјата на Месечината

Ниту една вселенска мисија досега не ја испитувала темната страна од Месечината. „Чанг Е-4“ е првата што доби можност да го истражи таинственото подрачје на природниот сателит на Земјата.

Темната страна, која не може да се види од Земјата, во некои клучни работи се разликува од „познатата светла страна“. Површинскиот слој е подебел, постар и има повеќе кратери. Освен тоа, има помалку „марии“ (темни базелтни мориња создадени од лава) отколку на светлата страна.

 „Чанг Е-4“ наводно слета во кратер по име Вон Карман, 180 километри широко вдлабнување на јужната хемисфера на темната страна. Тој кратер е во Еиткиновиот базен – многу поголема дупка издлабена на јужниот пол на Месечината.

Тоа е најстариот, најголем и најдлабок базен на Месечината, а е формиран пред повеќе милијарди години, кога астероид со пречник од најмалку 500 километри удрил во Месечината. Ударот бил толку силен, што астероидот ја пробил кората на Месечината и навлегол во длабокиот слој кој се нарекува плашт.

Една од целите на мисијата е да ја проучи материјата од плаштот расфрлана околу местото на слетување. Тоа може да понуди увид во внатрешната структура и историјата на Месечината.

Податоците што ги собрале леталата во орбитата веќе покажаа дека површината на базенот се разликува од ридовите што го опкружуваат по составот. Меѓутоа, делови на плаштот на површината се само едно од можните објаснувања.

Месечевото возило ќе направи панорамски слики од интересни локации, додека спектометар ќе ги испита минералите на дното на кратерот, како и карпите расфрлани околу местото каде што удрил астероидот. Освен тоа, посебно конструиран радар ќе „ѕирне“ под површината, до длабочина од околу сто метри, за да се стекне увид во структурата на површинската кора на Месечината.

Можност за астрономите

За темната страна на Месечината долго се верувало дека претставува идеално место за посебен вид радиоастрономија, која користи ниски фреквенции, бидејќи е заштитена од радиобрановите кои се емитуваат од Земјата. Фреквенциите под десет мегахерци не можат да се користат за астрономски истражувања од Земјата бидејќи ги попречуваат радиостаниците и различни природни фактори.

 „Чанг Е-4“ носи инструмент кој се вика спектометар на ниски фреквенции, кој ги користи овие фреквенции, а ќе му помага слична направа од сателитот Ќуеао во Месечевата орбита. Целта е да се изработи нискофреквентна радиомапа на небото и да се испита однесувањето на Сонцето.



Лиу Тонџи од кинеската вселенска агенција во 2016 рече: „Бидејќи темната страна на Месечината е заштитена од електромагнетни бранови од Земјата, тоа е идеално место за проучување на вселената и соларните факли, како и за прием на сигнали од длабоката вселена“.

Така оваа мисија ќе пополни некои дупки во астрономските истражувања и ќе им овозможи на научниците да ги проучат вселенските феномени на начин кој досега не бил можен.

Месечината и радијацијата

Неколку вселенски агенции планираа во блиска иднина да испратат луѓе на Месечината на подолги мисии. Поради тоа, важно е да се разбере потенцијалниот ризик од зрачење.

Земјината густа атмосфера и силно магнетно поле даваат добра заштита од галактичкото вселенско зрачење на наелектризираните честички што доаѓаат од Сонцето.  Но астронаутите на Месечината не можат да сметаат на оваа заштита и ќе бидат изложени на честички кои патуваат низ вселената со брзина блиска до брзината на светлината, што може да им го загрози здравјето.

Германски научници приложија дозиметри, кои ги мерат дозите на зрачење што ги апсорбира човечкото тело заради следните експедиции и поради подобро разбирање на природата на честичките од Сонцето.

Извор: МИА