Oбластите околу Фукушима и понатаму се загадени, но дивиот свет некако успева да напредува

Oбластите околу Фукушима и понатаму се загадени, но дивиот свет некако успева да напредува

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

По речиси една деценија од нуклеарната несреќа во Фукушима, Јапонија, истражувачите од Универзитетот во Џорџија откриле дека популацијата на животинскиот свет е прилично голема во области каде што нема луѓе.

Истражувањето, објавено во „Журнал оф фронтиерс оф еколоџи енд енвајормент“, известува дека над 267.000 фотографии од животинскиот свет покажуваат повеќе од 20 вида животни, вклучувајќи и диви свињи, јапонски зајак, макаки, фазан, лисица и ракунски пес (роднина на лисицата) во разни области.

- Резултатите од нашето истражување го покажуваат првиот доказ дека има многу видови животни низ целата зона на евакуација во Фукушима, и покрај присуството на радиолошко загадување - изјави биологот за диви животни Џејмс Бизли.

Видовите што честопати се во судир со луѓето, особено дивата свиња, биле фатени на камера во области или зони од кои биле евакуирани луѓето.

- Ова укажува на тоа дека бројот на овие видови е зголемен по евакуацијата на луѓето - додава Бизли.

Тимот, во кој бил вклучен и Томас Хинтон, професор на Институтот за животна средина со радиоактивност на Универзитетот „Фукушима“, идентификувал три зони за истражувањето.

zivotni

Фотографските податоци биле собрани од 106 места каде што имало камери, од три зони: зона од која биле евакуирани луѓето поради највисоко ниво на загадување; ограничени зони како резултат на средно ниво на загадување и зони населени од луѓе, каде што на луѓето им било дозволено да останат поради многу ниско ниво на радијација во околината. Истражувачите ги назначиле своите зони врз основа на претходно утврдените зони од јапонската влада по несреќата во Фукушима во 2011 година.

Во период од 120 дена камерите направиле над 46.000 слики од дива свиња. Над 26.000 од овие слики биле направени во ненаселена област, во споредба со околу 13.000 фотографии во ограничената област и 7.000 фотографии во населената област. Други видови животни во поголем број во ненаселените или ограничени зони се ракуни, јапонски макак или мајмуни.

На прашањето во каква физиолошка состојба е живиот свет, Хинтон рече дека нивните резултати не се процена за здравјето на животните.

- Ова истражување дава значителен придонес бидејќи ги испитува радиолошките влијанија врз популацијата на животинскиот свет, додека повеќето претходни истражувања бараа ефекти на одредени животни - изјави тој.

Ненаселената зона служела како контролна зона за истражувањето. Научниците велат дека иако не постојат претходни податоци за популацијата на животинскиот свет во евакуираните области, близината и сличниот пејзаж на зоните населени од човекот ја направиле областа идеална за истражувањето.

Тимот го оценил влијанието на другите варијабли: оддалеченост од патот, време на активност, видот на вегетацијата итн.

- Теренот варира од планински до крајбрежен и знаеме дека овие живеалишта поддржуваат различни видови животни - вели Бизли.

- Врз основа на овие анализи, нашите резултати покажуваат дека нивото на активност на човекот, висината и видот на живеалишта биле основен фактор што влијаел врз изобилството на видовите, повеќе отколку нивото на радијација - додава тој.

Резултатите од студијата укажуваат на моделот на активност на повеќето видови, усогласени со нивната добро познатата шема на однесување. Ракуните, кои се ноќни животни, биле поактивни во текот на ноќта, додека фазаните, кои се дневни животни, биле поактивни во текот на денот. Сепак, дивата свиња во ненаселената област била поактивна во текот на денот од свињата во области населени од човекот, што укажува дека тие можат да го менуваат своето однесување во отсуство на луѓе.

- Луѓето се ракот на природата. Нашето постојано проширување има видливи влијанија врз многу видови од животинскиот свет. Сепак, природата е издржлива и ако се намали човечкото присуство, многу популации на диви животни ќе ја зголемат бројноста - вели Хинтон.

Наодите покажуваат дека и покрај катастрофата, животот наоѓа начин да продолжи напред.