Степенот на затоплување на океаните е колку пет атомски бомби во секунда

Степенот на затоплување на океаните е колку пет атомски бомби во секунда

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

По анализа на податоци од 50-тите години до 2019 година, меѓународен тим на научници утврдил дека просечната температура на океаните во светот минатата година била за 0,075  Целзиусови степени повисока од просекот за периодот од 1981 до 2010 година.

Тоа можеби не изгледа како значително затоплување, но со оглед на големиот волумен на океаните, дури и толку мало зголемување би барало неверојатен прилив на топлина - вреден 228 секстилиони џули, според студијата на научниците која беше објавена во списанието „Адвансес ин атмосферик сајенсес“.

Тоа е бројка што тешко се става во контекст, па еден од научниците направил математика и ја ставил во експлозивен референтен систем - преку споредување на бројот со количината на енергија што се ослободила од атомските бомби што САД ги фрлила над Хирошима, Јапонија, во 1945 година.

- Атомската бомба во Хирошима експлодирала со енергија од околу 63.000.000.000.000 џули. Количината на топлина што сме ја ставиле во океаните во изминатите 25 години е еднаква на 3,6 милијарди експлозии на хирошимски бомби - вели авторот Лиџинг Ченг од Кинеската академија на науките.

Во просек тоа е енергија еднаква на 5 хирошимски бомби која секоја секунда влегувала во океаните во текот на изминатите 25 години. Но, уште позагрижувачко е тоа што степенот не застанал на таа алармантна бројка, туку се зголемува.

Во 2019 година затоплувањето на океанот било еднакво на околу 5 хирошимски бомби топлина, секоја секунда, ден и ноќ, 365 дена во годината, објаснува Џон Абрахам од Универзитетот „Сент Томас“ од Минесота, кој исто така е еден од авторите на студијата.

И во случај атомските бомби да се премногу апстрактна компаративна единица, степенот од 2019 година е еднаков на тоа секое лице на Земјата постојано да насочува 100 фенови за коса кон океаните, објаснува Абрахам.

Сето ова веќе има последици. Мразот се топи побрзо, а како последица на тоа расте нивото на морето. Делфините и другите морски животни умираат бидејќи не можат да се адаптираат доволно брзо. Дури и зголемувањето на количината вода што испарува во атмосферата поради топлината негативно влијае врз нашата планета.

- Ги прави посилни ураганите и тајфуните и ги прави врнежите поинтензивни. Го става нашето време на стероиди - истакнува Абрахам.

А да не заборавиме и дека степенот се зголемува, што значи дека секој момент на одложување на преземањето нешто за да се забави или одврати затоплувањето ќе резултира само со влошување на ситуацијата.