Органи, коски, фетуси, но и мумијата од Липково ќе бидат дел од обновената музејска поставка на Институтот за судска медицина

Органи, коски, фетуси, но и мумијата од Липково ќе бидат дел од обновената музејска поставка на Институтот за судска медицина

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Првата музејска поставка на Институтот била отворена во шеесетите години од минатиот век, вели проф. д-р Александар Станков, раководител на Институтот

Мумијата од кумановското село Липково, стара околу 25 века, ќе биде еден од ексклузивните експонати на специјализираната музејска поставка на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје, најавува проф. д-р Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина и криминалистика. Според него, време е да се реобнови поставката и Институтот, како сите слични институции во светот, да си добие своја музејска поставка. Таа првенствено би им служела на студентите, но би била отворена и за јавноста.

- За две години Институтот ќе прославува јубилејни 70 години од основањето. Овој период мора некаде да биде изложен, а најсоодветно место е музеј - вели Станков за Факултети.мк.


Проф. д-р Александар Станков

Првата музејска поставка на Институтот била отворена во шеесетите години од минатиот век. Во тоа време раководител бил проф. д-р Вељко Бујан. Во поставката биле изложени експонати од човечки остатоци (органи, коски, фетуси) од интересни случаи, специјално обработени за поставката.

- Експонатите прикажуваат разни видови оштетувања (повреди и болести) и малформации на човечкото тело. Во поставката биле изложени и разни видови оружја и орудија, користени при нанесување повреди во одредени случаи на убиства или самоубиства, потоа разни документи и фотографии од секојдневната судско-медицинска практика. Поставката била затворена во 1994 година, со одлуката за уривање на старата зграда на Институтот за да се изгради нова. Во тоа време голем дел од изложбените препарати биле позајмени на институтите на Медицинскиот факултет. Само мал дел е останат и вратен на нашиот Институт. Останатото е засекогаш загубено - вели Станков.


Мумијата од Липково / Фото: Борче Поповски

Според него, најголем број од институтите за судска медицина во светот поседуваат музејски експонати и поставки. Станков вели дека се решени да се обнови музејот. Треба да се најде соодветна просторија, доволно голема и пристапна, за да се изложат експонатите, но потребно е и време за да се обнови колекцијата.

- Верувам дека ќе успееме да ги обезбедиме сите услови за повторно да го отвориме нашиот музеј. Веќе почнавме со обновувањето на колекцијата. Планираме еден дел од музејот да биде посветен на историјата на Институтот, додека во останатиот дел ќе бидат изложени експонати од секојдневната судско-медицинска практика - разни повреди на делови од човечкото тело предизвикани со најразлични средства, оружја и орудија, стара медицинска опрема користена на Институтот, документи поврзани со одредени интересни случаи, се разбира, мумијата што ја имаме ќе биде дел од овој музеј - објаснува Станков.



Во светот постојат различни специјализирани музејски поставки. Според Станков, овој вид музеи првенствено се наменети и им користат на студентите на медицина, стоматологија, правниот факултет, факултетот за безбедност и сите оние што имаат каков било допир со судската медицина. Иако се специјализирани, не значи дека се забранети за посета од пошироката јавност.

- За љубопитните би постоеле термини кога би можеле да ја посетат поставката. Во последниве децении форензиката доста се популаризира низ телевизиските серии и филмовите. Публиката е секогаш заинтересирана бидејќи тоа што го гледа на филмовите може да го види на експонатите кои претставуваат реални примероци, а не пластични модели - вели Станков.