Ова се видовите што беа прогласени за изумрени во 2020

Ова се видовите што беа прогласени за изумрени во 2020

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Минатата година научниците и организациите изјавиле дека изумреле повеќе видови животни и растенија. Повеќето од нив не биле забележани со децении и покрај честите експедиции. Причините за овие изумирања може да бидат болести, инвазивни видови, загуба на природна околина, но и активности на човекот.

„Салон“ направи листа со видовите што биле прогласени за изумрени во 2020 година, повикувајќи се на медиумски известувања, научни истражувања и други извори. Меѓу другото, во 2020 во Бангладеш изумреле 32 вида орхидеи или 17% од сите видови орхидеи во земјата. Некои од нив уште растат во други земји, но не и во Бангладеш.

Едно истражување покажало дека изумреле 9 вида орхидеи на островот Мадагаскар.


Фото: Pixabay

Минатата година за изумрена била прогласена и риба со перки што наликуваат на раце, а со кои таа оди по морското дно. Рибата не била видена од 1802 година и живеела покрај брегот на Тасманија.

Истражувачите заклучиле дека во САД изумреле 65 растенија, а во Централна и Јужна Америка изумреле 22 вида жаби.

Според едно истражување, околу 15% од видовите крлежи изумреле досега. Можеби мислите дека крлежите  се небитни, но имаат улога во природните екосистеми.


Фото: Pixabay

Како последица на повеќе фактори, на пр., инвазивни видови и деструктивни методи на риболов, во езерото Ланао на Филипините изумреле 17 слатководни риби.

На листата има и повеќе растенија, меѓу кои и повеќе видови цвеќиња и дрвја. Низ светот во 2020 изумреле и видови лилјаци, богомолки, опашкари, риби, ајкули, како и вид газела во Тунис.

Автор: Џон Р. Плат
Извор: salon.com