Дали навистина вирусите еволуираат за да станат помалку вирулентни?

Дали навистина вирусите еволуираат за да станат помалку вирулентни?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како што се зголемуваат доказите дека омикрон е помалку смртоносен од претходните соеви на ковид-19, едно често цитирано објаснување е дека вирусите секогаш еволуираат за да станат помалку вирулентни со текот на времето.

Проблемот, велат експертите, е што оваа теорија е цврсто отфрлена.

Идејата дека вирусите имаат тенденција да станат помалку смртоносни со текот на времето првпат била предложена од познатиот бактериолог д-р Теобалд Смит кон крајот на 19 век. Неговата теорија за еволуцијата на патогенот подоцна била наречена Закон за опаѓање на вирулентноста.

Едноставна и елегантна, теоријата на Смит беше дека за да се обезбеди сопствен опстанок, патогените еволуираат за да престанат да ги убиваат нивните човечки домаќини. Наместо тоа, тие создаваат само блага инфекција, дозволувајќи им на луѓето да шетаат наоколу ширејќи го вирусот. Добро за вирусот и, веројатно, добро за нас.

Но, во текот на изминатите 100 години виролозите дознаа дека еволуцијата на вирусот е похаотична. Еволуцијата на вирусот е игра на среќа.
Во некои случаи вирусите еволуираат за да станат повирулентни.

Континуираното преживување на вирусот, ширењето и вирулентноста се поврзани со еволутивниот притисок на повеќе фактори, вклучувајќи го бројот на луѓе достапни за инфицирање, колку долго луѓето живеат по инфекцијата, одговорот на имунолошкиот систем и времето помеѓу инфекцијата и почетокот на симптомите.

За жал, тоа значи дека е речиси невозможно да се предвиди иднината на пандемијата бидејќи вирусите не секогаш еволуираат во предвидлива шема.

virus
Фото: Screenshot/ABC News

Имаше илјадници идентификувани варијанти на ковид-19, секоја со уникатни мутации. Но, повеќето нови варијанти се појавуваат и потоа брзо изумираат, без да можат да се натпреваруваат со владејачката доминантна варијанта.

Некои варијанти, сепак, имаат јасни предности за континуирано преживување, како оние што го избегнуваат имунолошкиот систем и лесно се шират, вели д-р Абир Хусеин, вонреден медицински директор за презентација и контрола на инфекции на Медицинскиот центар на Универзитетот во Вашингтон.

Експертите предупредуваат дека е важно да се процени сериозноста на омикронот во контекст на постојниот имунитет преку вакцини и претходни инфекции.

- Тешко е да се утврди со нови варијанти, како делта и омикрон, дали тие се развиваат да бидат повеќе или помалку вирулентни. Тоа е затоа што овие варијанти се појавија во време кога имавме добар имунитет на САРС-КоВ-2 во одредени земји - вели Ендрју Пекош, професор по микробиологија на Школата за јавно здравје Блумберг на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Луѓето што се вакцинирани или неодамна инфицирани ќе имаат поблаги симптоми ако доживеат пробивна инфекција или реинфекција, покажуваат студиите.

- Ова не е затоа што варијантата е помалку вирулентна, туку затоа што вашиот имунолошки систем е подготвен од претходна вакцинација и инфекција - рече Пекош.

Експертите велат дека омикрон не треба да се сфати несериозно или да се смета за помалку смртоносна форма на ковид-19. Дури и ако е помалку смртоносна, варијантата на омикрон е исто така значително попренослива, што доведува до повеќе смртни случаи во целина.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести предвидува дека уште 22.000 луѓе би можеле да умрат од ковид-19 во следните две недели.

Луѓето што се невакцинирани се значително поизложени на ризик, при што официјалните лица проценуваат дека тие имаат 17 пати поголеми шанси да бидат хоспитализирани и 20 пати поголема веројатност да умрат од ковид-19 во споредба со луѓето што се вакцинирани.

- Достапните вакцини против ковид-19 обезбедуваат имунитет за низа варијанти и продолжуваат да бидат првата линија на одбрана - вели д-р Џон Браунштајн, главен директор за иновации во Бостонската детска болница.

Што се однесува до иднината на пандемијата, експертите велат дека може да се појават нови варијанти, но нема да биде лесно да се предвидат.

Извор: ABC news
Фото: Freepik