Од „Оскар“ до Седлар: Како пропадна Кевин Спејси?

Од „Оскар“ до Седлар: Како пропадна Кевин Спејси?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Веста дека Кевин Спејси пристигна во Хрватска за да сними документарен филм во кој ќе го глуми првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман, во режија на Јаков Седлар, дефинитивно е една од работите што ги очекуваме во 2022 година.

Оваа вест не ги израдува само љубителите на „ѓубре-содржината“ што Седлар редовно ја испорачува, туку ги воодушеви и сите оние што мислеа дека некогаш големиот холивудски актер остана неказнет по обвинувањата за сексуално вознемирување. Оние што се посклони кон осуда ќе речат дека тој заслужува затвор, а не третман на славна личност во медиумите.

Но, дали можете да замислите потешка казна? Осуден на казна во траење од еден од филмовите на Седлар

Во еден момент сте познат како еден од најдобрите актери на сите времиња, се истакнувате во театарот, филмот и на малите екрани, сите врати ви се отворени, се наоѓате на насловни страници на сите релевантни светски магазини, два „Оскари“, 57 други награди и 90 номинации, а во богатата филмографија често имате маестрални соработки со великани како што се Бурт Ланкастер, Мајк Николс, Харисон Форд, Дејвид Мамет, Ал Пачино, Џек Лемон, Дастин Хофман, Морган Фримен, Дејвид Финчер, Бред Пит, Кертис Хансон, Расел Кроу, Клинт Иствуд, Сем Мендес, Анет Бенинг, Ласе Халстром, Џорџ Клуни, Џуди Денч и безброј други, еднакво важни имиња.

Во друг момент го глумите таткото на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и сте принудени да лажете дека ова е филм во кој навистина сакате да глумите, а не грд потсетник за она што ви се случило.

Некои дури би рекле дека ова е нешто што Американците го нарекуваат сурова и невообичаена казна.

Искупување во Хрватска

Без разлика дали мислите дека е виновен или не, кај мажот се буди неконтролирана емпатија кога ќе го види овој пат од ѕвездите до трњето.

Овој проект е еден вид „чистилиште“ за актери од негов калибар. Што и да направи, ова ќе го искупи. Ова е еквивалент на „тунелот“ низ кој поминува Енди Дуфрен на крајот од „Искупување во Шошенк“.

И секогаш постои шанса ова да е „магнум опус“ на Седлар, филм што ќе го поништи сето она што тој го направил од 1984 година. Сè е можно.

За жал, сето тоа се луди соништа. Реалноста е поинаква бидејќи никој однадвор не се појавил во хрватски филм за да му ја оживее кариерата. Спејси најверојатно дошол да се сокрие од инкасаторите кои се обидуваат да добијат отштета од 31 милион долари што треба да ја плати, бидејќи, ако сакате никој да не ве види, да не пишува за вас, ниту да регистрира дека постоите, нема посигурно место од хрватски филм. Овие филмови се наметка за невидливост за актерите. Не ги гледаат ни Хрватите.

Автор: Хрвоје Марјановиќ
Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube